Фото сојузот на Македонија е единствена асоцијација од областа на фотографијата во Македонија. Во неа може да се членува преку Фото клуб или како сомостоен автор – фотограф.
Формиран е 1946 година како Фото – кино сојуз на Македонија во рамките на организацијата „Народна Техника“ со задача да ја шири и унапредува фотографијата и филмот како и фотографската и кино техника во Македонија.
Во почетокот на 70-тите години Фото сојузот на Македонија се оддели како посебен сојуз поради големиот број фото клубови што постоеа во тоа време и кои бараа други форми на работа и организирање.
Членка е на ФИАП во рамките на Фото Сојузот на Југославија до 1992, а од 1995 самостојно членува во ФИАП как Фото Сојуз на Македонија.
Со гордост можеме да кажеме, дека доколку се зборува за современата македонска фотографија всушност се зборува за работата на авторите и клубовите од Фото сојузот на Македонија. Патот по кој фотографијата во Македонија прерасна од техничко занимање/занает во самостојна уметничка дисциплина е всушност развојниот пат на фотографијата во рамките на ФСМ.
Како резултат на успешната работа на ФСМ, клубовите во Македонија и самостојните фотографи од Македонија, колекциите на Фото Сојузот на Македонија секогаш биле високо рангирани во рамките на изложбите на ФИАП, што е уште еден придонес кон афирмација на културата на Македонија.


