Каде ќе оди фотографијата во новата година?

Од Сашо Алушевски добив интересен предлог: да напишам нешто во врска со тоа „Каде ќе оди фотографијата во новата година?“ Не знам зошто една активност, која во голема мерка е илузија, е важно во кој правец ќе се развива догодина? Но оваа тема за писмена работа не се пропушта. И затоа решив да напишам неколку зборови за тоа:  „Каде ќе оди фотографијата во новата година?“

Нешто овие денови инспирацијата ме избегнува, но сепак ќе се обидам.

Веднаш да расчистиме: Јас немам поим „Каде ќе оди фотографијата во новата година?“  Јас можам да зборувам за тоа каде би сакал да оди фотографијата, или поточно, што ќе се случува со фотографијата и со мене во новата година. Текстов што следи е мое лично размислување и не треба да се зема здраво за готово. Јас не сум теоретичар на фотографијата. Јас сум обичен фотограф.

Размислував како да го почнам текстот. Дали со моите великоумни, квазифутуролошки размислувања дека фотографијата граби со големи чекори напред и дека многу скоро ќе дојде времето кога фотографските камери ќе бидат инплантирани во нашите очи, а просторот за складирање на милионите фотографии направени со секое трепкање на окото ќе се складираат во мемориските картички под нашата кожа.За ова, види повеќе на  http://chkrap.blogspot.com/2009/08/blog-post_14.html. Дали секоја вечер пред легнување ќе ги прегледуваме фотографиите снимени преку ден и со чудење ќе откриеме дека преку 72% од снимените фотографии се фотографии на девојки и жени што ги среќаваме во текот на денот…

Или, пак, текстот да го почнам со размислувањата на MG Siegler, колумнист во CrunchFund, за фантастичните промени што се случуваат во светот на комуникациите, социјалните мрежи, технологијата, а сето тоа низ призмата на фотографијата. Во неговата колумна „Ако пенкалото го победи мечот, фото камерата го победи пенкалото“ – http://techcrunch.com/2012/11/06/the-pen-is-not-mightier/, тој зборува за феноменот дека зборовите се повеќе остануваат во втор план, а фотографијата, како нов визуелен јазик, го презема приматот. Во време на динамичен живот, постојана трка по пари, работа, инстант доживувања и консумерисам и не е чудно што фотографијата која се консумира лесно и „безболно“, го потиснува текстот. Но, инфлацијата на инстаграм слики на сеприсутната мрежа не е мојата тема за фотографијата во новата година. Го напуштам и овој приод кон темава.

Па, тогаш, што ќе се случува, или поточно, што јас мислам дека ќе се случува со фотографијата следното „лето“?

Прво да расчистам со техниката, технологијата. Таа граби со големи чекори напред, ја „демократизира“ фотографијата (денес секој има по неколку фотоапарати, од кои оној во мобилниот телефон е секогаш со нас), го менува начинот на создавање и трошење на „сликите“. Но, за мене, тоа е не нешто што е пресудно. Всушност, во досегашната историја на фотографијата се случиле неколку револуционерни промени во оваа смисла, така што оваа промена не е ништо ново. Само е поголема и остава поголеми последици. Инфлацијата на фотографии кои се снимаат и постираат на мрежата секојдневно, тоните дигитално ѓубре, веќе не гушат.

Фантастичните пејсажи, ха-де-ер-и, волпејпери, гламур девојки (тука се и “Duck faces”на адолесцентките снимени со мобилен пред огледалото во тоалетот), лошо изработените композити во пиратски набавените програми за обработка на „имиџите“ од типот na “9GAG”… до инфлацијата на лукративни конкурси за најдобра фотографија, претенциозно наречени изложби на фотографија, на кои единствена цел им е да се соберат што повеќе пари од котизација, а за ситнеж од тие пари за пола саат ќе се направат лоши копии кај локалниот фото-принтер… и, оп! Имаш изложба на фотографии (и куп пари во џебот)… се нешта на кои мораме да сметаме следнава година.

Па, што е тоа што јас мислам дека Дедо мраз ќе ни донесе (добро во фотографијата) во новата година? Иако фотографијата не го исклучува хуморот, беневолентното занимавање со оваа активност, правење слики во од, во различни пригоди и за различни намени (за мене тоа е ОК), сепак од фотографијата очекувам нешто друго догодина. Очекувам да видам добри фотографии, работа на подолгорочни фотографски проекти. Сакам да видам (и самиот да ги правам), мали и големи социолошки, но и естетски фотографски студии, http://www.lensculture.com/index.html.

Сакам фотографијата да поставува прашања, да провоцира,http://www.zonezero.com/zz/.  Да изнаоѓа нови агли на гледање на се она што не окружува (и технички и философски). Сакам да ги покажам моите и да гледам други фотографии, не е важно дали се принтови или дигитални, дали се книги со фотографии или документарни видеа за фотографијата. Да, некаде во светот следнава година ќе се отпечатат многу гниги со фотографии, често само во еден или неколку примероци. Убава работа е тоа. Само, ние за тоа ќе почекаме некоја година. Ќе гледаме фотографии снимени и направени од фотографи кои прават возбудливи фотографски проекти. Се повеќе ќе има мешање на медиумите (фотографија, текст, видео, звук…),и ако на тој начин и фотографијата доаѓа повеќе до израз, тоа е во ред,http://inmotion.magnumphotos.com/.

Од друга страна, пак, мислам дека ќе се стеснуваат можностите за фотографирање. Авторските права, правата на приватност, компликуваната процедура да се добијат дозволи и права за фотографирање и објавување на фотографиите, се повеќе ќе го стеснува просторот за оваа занимација наречена фотографија. Street фотографијата или ќе се работи герилски или то ќе биде бледа копија на она што го знаеме како добра улична фотографија, http://en.wikipedia.org/wiki/Garry_Winogrand.


Некаде во светот, галериските, фајн арт фотографии ќе се продаваат по астрономски цени, а кај нас занимањето фотограф (или „сликар“) сеуште ќе има пежоративно значење, и оваа професија ќе се смета за несериозна, а од друга страна „бавењето“ со фотографија ќе биде се повеќе in.Конечно и кај нас свадбарските фотографи се повеќе ќе работаат по американски или австралиски терк (сет ап сесии со младоженците, дифузиони филтери и олдтајмери во некоја ливада), но и бројот на разводи на така фотографираните двојки ќе соодветствува со американските стандарди…http://www.zagaproduction.com/zaga_website.html

Има уште многу, но Сашо веќе ѕвони на тревога! И, ах, да. Last, but not least, фотографијата и догодина ќе биде win-win процес. Активност каде што сите се задоволни, и фотографите и оноие кои уживаат во фотографиите. За разлика од политиката и турбо фолк културата (две гнасни нешта кои ни го уништуваат животот), сепак, илузијата од почетопкот на овој текс, фотографијата ќе биде таа што ќе не одржи во живот и добро расположение (барем нас, фотографите).

 Драги Неделчевски 2012

Оваа статија е објавена во Колумни.

Comments are closed.