Вести
„Правило на третини и други приказни…“
Пишува: Михајло Филиповиќ , Офицер за врска со ФИАП на Фото сојуз на Македонија
Правило на третини, со вцртани дијагонали на Златниот пресек, како илустрација за текстот
Дозволете ми да ви раскажам една приказна! Се сеќавам на неа од моите најрани денови со камерата. И тоа е една возбудлива приказна за Потрагата по Добра фотографија. Приказната оди вака :
Еднаш одамна, многу љубопитен Некој посакал да открие тајна. Го интересирало зошто некои фотографии се Добри, зошто некои не се Баш Добри или се некаде помеѓу Лоши до Ужасни.
Како бил паметен и инвентивен, Некој ставил на голема широка маса полно фотографии, а покрај масата ставил столче. Потоа повикал мноштво луѓе од сите животни слоеви и ги замолил да седнат и да ги поделат фотографиите во две купчиња. Едното купче требало да ги содржи Добрите фотографии, а другото оние кои таа особа сметала дека се Лоши. Никакви други упатства немало.
Фотографиите биле мошне различни, стари и современи, големи и мали, шаренолики, црно-бели, еднобојни исто така… а и темите кои ги прикажувале биле колку што е можно поразлични. Имаше таму предели, човечки и нечовечки портрети, борби на животни, злоупотребени животни, сите видовои на убави дами, а и форензички одбојни документи. Имаше слики од предмети за секојдневна употреба, алати за мачење, распарчени трупови, здробени инсекти, распадната храна, кралски оброци, оружје, убави фустани и партали…се што можеш да замислиш беше таму!
И секоја слика на позадината имаше свој единствен број, така да групите на фотографии кои се одбрани како Добри или Лоши подоцна можеа лесно да бидат документирани.
Кога една особа ќе завршеше со раздвојувањето на сликите и тоа само според своето сопствено мислење, сите слики кои таа особа ги проглaсила за Добри биле забележани. Потоа сликите повторно се мешаа, а следната особа е повикувана да направи иста ваква поделба… Па потоа следната и следната и следната. Многу особи седнаа на тоа столче и ги употребија своите емоции, инстинкт, образование, мудрост, етички и секакви други квалитети кои ги имаа, за да ја завршат оваа едноставна задача. И сечиј резултат беше запишан. За сето тоа требаше труд и време, но најдоброто допрва следеше.
Откако сите беа повикани и конечно завршија со одлучувањето што меѓу сите слики е Добро, а што Не е, Љубопитната особа ги прелиста сите документи барaјки ги сите фотографии кои сите бирачи ги прогласија за Добри. Тие слики се одвоени од големото купче и почна Фазата на Мерење.
Значи, овде не зборуваме за неоштри, претемни, или пресветли слики. Пребарувањето не беше за исправни или неисправни фотографии, ниту за технички коректни, оштри слики со полно детали. Тоа беше помалку важно. Идеата беше да се открие дали фотографиите избрани како Добри беа тие кои се лесно „читливи“, односно лесно разбирливи за поголемиот дел на луѓето.
И ако е така, зошто ?
Секоја Добра слика беше геометриски измерена на повеќе начини, нивниата содржина и распоред на елементите анализиран и наскоро се појавија неколку одредени принципи. Некои односи меѓу елементите внатре во сликата се вообличија и интересно, сосема без обзир на темата која секоја од тие фотографии би ја прикажувале.
Добрите слики ја прикажуваа приказната со внатрешна тензија и распоред на сили кои делуваа помеѓу тематските елементи. Читливата фото приказна беше докажано објаснета дека содржи невидливи поврзувачки линии кои го водат погледот низ содржината, нешто како „спој-точкички“ загатка, која на крај покажува што авторот на фотографијата видел и чувствувал и секако посакал и ти како гледател, да го видиш и осетиш тоа исто.
Комбинацијата на геометриските и сублиминалните колекции на динамиката во внатрешноста на неподвижната содржина на сликата анализирана во тек на многу години, и она што крцкаше во умот на Љубопитната особа се искристализира во неколку “rules” кое ние ги преведуваме како закони, или поточно „правила кои не се правила“. Во англискиот јазик rule значи и правило и закон и упатство, па и насока. Сами можеме да одредиме што тоа нам ни значи! Тоа всушност беа основите на профинетата граматика на Говорот со Светлото кое сите ние – а посебно фотографите – учиме да го читаме и користиме. Ние ги користиме тие препораки, правила, или ако сакате „закони“ за што подобро да ги раскажеме нашите фото – приказни на гледателите.
Немам намера да ве заморувам со сите правила, не се плашете. Ќе се обидам да oбјаснам само едно можеби најпознато правило од сите. Но ќе додадам и една занимливост за која можете да размислувата додека не сте на интернет и кога мозокот повторно ви работи на оптимална температура!
Занимливоста е дека старите мајстори на кистот и бојата, виртуози со јаглен и креда, кои живееле многу столетиа пред воопшто да се појави идеата за камера… тие веќе сето тоа го знаеле! И нивните трудови јасно покажуваат дека владееле со платното, фреските и папирусот со оној божествен смисол за оптимално користење на просторот и акцијата, дури и кога создавале потполно статички слики како предел. Што да кажеме за тоа, сем „ништо ново“ – без оглед на креативните алатки!
Во врска со Правилото на Третини, познат е и Златниот пресек… Они не се сосема еднакви, но доволно се слични за да можеме да ги занемариме разликите. Правилото на третина се чини дека е попопуларно во денешно време.
Она што го познававме како Златен пресек се однeсуваше на ставање на точката на интерес на место каде некоја од линиите на третините се вкрстува со дијагоналата на форматот. Самите дијагонали идеално би требало да ги покажуваат контрастите на своите спротивни краеви; на пример светло-темно, грубо-мазно, блиско-далечно, оштро-матно, и слично.
Ние луѓето сме стереоскопни. Тоа значи дека едното (доминантно) око го користиме за препознавање на работите, додека другото око е активно и ја одредува одалеченоста, или ги забележува движењата. Велат дека ние фокусираме со доминантното око, а оддалечената позиција на другото ја користиме за утврдување на движење и посебно оддалеченоста од објектот. Тоа е атавистички остаток од времето кога ефикасното гледање значело живот или смрт, сигурност, ловење на храна, избегнување на опасност и слично.
И конечно, заради двете очи нашето поле на гледање е елиптично. Двете жаришта на нашата визуелна елипса се чини дека имаат свои специфичности. Кога објектот на интерес е во еден од жариштата (визуелните центри) тоа одговара на нашиот начин на „гледање во тоа“. Секое движење, посебна боја, било што што е вон обичноста на сцената го придвижува нашиот рефлекс на „гледање во тоа”, и најчесто „тоа“ се одвива пред нашето доминантно око.
Тоа ја покрива 1/3 на нашата визуелна ширина насочено таму каде што е жариштето на нашата елипса.
Нашите фотографии се како правоаголни површини кои ја покажуваат содржината во нашата визуелна елипса и ние ги прикажуваме тие површини во разни односи на страните, од широки и ниски панорами, преку предели и портрети, до квадратни формати. Немаме практичен начин да го прикажеме целото елиптично поле кое го гледаме, туку се служиме со она што технологијата ни го овозможува.
За да компонираме слика според Правилото на третини се користиме со решетка која се состои од две хоризонтални и две вертикални линии кои се распоредени преку некоја сцена. Низ таа решетка гледаме подрачје поделено на девет полиња. Нацртајте го тоа на некоја слика од весник за да подетално видите за што се работи.
Четирите спомнати линии се вкрстуваат во четири точки – таму каде што се наоѓаат хоризонталните и вертикалните третини на форматот. Ако го поставите она што сакате да го нагласите во сликата на една од тие четири позиции, нашиот ум автоматски ќе претпостави дека тоа е она што ни е важно во содржината на сликата. Тоа е затоа што тој детал ќе биде во фокусот на едното око, а нашиот firmware со милениуми не тренираше така да гледаме на нашиот Свет – уште од времињата кога додека одевеме ги влечевме рацете по земја.
Но зошто се тогаш таму хоризонталните и вертикалните третини? Нашиот свет е водоравен и затоа нашето видно поле е пошироко странично. Да кажеме, сме забележале нешто што се случува на тлото. Во правоаголниот облик на нашиот фотографски формат ќе го прикажеме тоа доделувајќи и на случката две третини од форматот (таму каде што се одвива акцијата) a горната третина (небото) ќе биде таму како референца; тоа ќе ни даде чувство на големина, перспектива и одалеченост во сликата.
И природно, ако нашата фото-тема сме ја ставиле на порано објаснетите пресеци на линиите ќе ја прогласиме темата за важна. Со тоа му кажуваме на гледачот „тоа е она што сакам да ти го покажам“!
Ништо помалку важно, обично секоја активност би требало да ја сместиме во форматот така да акцијата се одвива кон средината на сликата, а не кон краевите. Така активноста во целост се наоѓа во сликата и на гледачот му ја раскажува комплетната приказна, наместо да се чуди што се` сме испуштиле.
Еднакво на тоа, кога активноста се одвива во воздух, небото ќе добие две третини од просторот, а останатата третина (земјата) ќе стане подрачје на референца.
Хоризонтот во половина од висината, со заодот на сонцето во средина на сликата… толку досадно и болно неподвижно! Таквата композиција нема проток на енергија и твојата слика на убава сцена станува неутрално балансирана, нерешително дело без наслов. Обиди се таквата сцена да ја компонираш служејки се со Правилото на третини и ќе ја забележиш разликата.
Едноставно зар не? Обиди се да ѓи анализираш оние слики кои веднаш ти се допаднале, оние од кој можеш да ја прочиташ приказната… процени ја композицијата и распоредот на елементи. За тоа се работи.
И уште една работа. Правилото на третини делува во сите формати, вертикални, хоризонтални, или квадратни. Форматот на нашите медии понекој пат е диктиран од темата, некој пат од расположливиот простор. Некогаш гледаме вертикално ориентиран морски предел, друг пат високи стебла прикажани во хоризонтално избран формат. Но би требале секој пат да има добра причина за таква одлука, причина подобра од чиста мрзливост која ни ја донесе вертикално ориентираното видео, само затоа што луѓето ѓи гледаат смартфоните повисоки отколку пошироки ( абе … така се направени …)
На крај, никогаш не го разбирај Правилото на третини како апсолутен „закон” – тоа е само препорака, како и многу други фотографски правила: спирала, конвергенција, дијагонала и слично на тоа. Тоа е само начин со кој му помагаме на гледачот полесно ја прочита твојата фото сторија. Некои слики може да бараат повеќе акцијски, а помалку референтен дел, така да Правилото никако не е госпел издлабен во камен. Меѓутоа добро е да се компонира служејки се со тој принцип, макар морале да го прилагодиме на сцената ако е тоа потребно.
Се надевам дека приказната ви се допадна, па благодарам на трудот и трпението при читањето.
Уживајте во Добро Светло !