На 3ти мај во просториите на Кинотеката на Македонија , пред Скопската публика беше претставена Колекцијата на фотографии од Фото клуб “Марибор “ – Словенија, под името “ФОТОГРАФИ“.
Истовремено, во Марибор се отвори Изложба на фотографии на Фото клубот “Елема“ од Скопје, како најекспониран клуб од Република Македонија. Бидејки рејтингот на Фото клуб Марибор е на високо место во Словенија, а посебно фотографската традиција што Марибор ја има уште од почетокот на 20 век, овие две изложби на некој начин се и показател за современите тенденции во фотографијата на Словенија и Македонија.
Во овој приказ ке се задржам на моите видувања на изложбата на Мариборскиот клуб, бидејки авторите и фотографиите од Фото клуб “Елема“ од Скопје се познати на Македонскиот публикум, и можеби во текот на “Деновите на Македонската фотографија“ ќе отвориме дискусии за сличностите и разликите меѓу Македонската и Словенечката современа фотографија.
Изложбата насловена како “Фотографи“, содржи дела од 30 автори, што е за секоја пофалба, зборува за големиот авторски потенцијал на Фото клуб “Марибор“ но и за интересот за фотографијта што постои на тие простори .
Прво што паѓа во очи е различниот пристап кон фотграфијата на авторите. Буквално нема два автори со сличен пристап кон мотивот но и со слична реализацијата во постпродукцијата.
Од “ретро“ стил до фотографии со силна софтверска интервенција, кои на некој начин ја негираат “чистата“ фотографија, до класичен акт и препознатлив пејсаж, кој како тема се негува во Марибор повеќе од еден век.
На изложбата интимно очекував дека ќе ги видам влијанијата на маестралните автори од Марибор, како Стојан Керблер на пример, кои од 60тите години на минатиот век со децении беа во врвот на Југословенската фотографија , а со своите дела станаа најдобар репрезент на Словенечката фотографија и култура во светот.
За помладите колеги треба да напомнам дека Словенечката фотографија беше во врвот на Југословенската,дека делата на Коцијанчич, Пинтер, Керблер…беа пример на врвно творештво,а тие беа ценети не само во фотографските кругови туку и пошироко.
Посебно некои од нив, беа стални членови или селектори на најголемите изложби во тогашната држава. Мариборските фотографи во тоа време, напуштајки го “Пикторијализмот“ кое доаѓаше како влијание од германската фотографска традиција,а прифаќајки ги тенденциите од “Лајф“ фотографијата,изградија сопствен стил, секако “најсловенечки“ и тој циклус ке остане како искрена приказна за моментот и за духот на Словенецот во тоа време.
Но да се вратиме во сегашноста,попусто ги барав трагите од традицијата. Видов се што може да се сретне денес како модерен фотографски израз на интернет, на современите изложби, или на денес се популарните “дигитални“ изложби, ама невидов фотографија во која ке ја препознаам Словенија/која добро ја познавам и почитувам, не видов автор со изразита индивидуалност, така карактеристично за претходните децении, не видов ниту нови идеи ниту нови пристапи.
Но да се разбереме, за разлика од “старата“ школа, фотографиите на авторите беа одлично изработени, не само во техничка смисла, сите автори освен еден или двајца како исклучок, извонредно го владеат дигиталното фотографско умеење. Фотографиите се одлично изработени во постпродукција, прецизно кадрирани, компонирани внимателно и целно. Но сето тоа знење, труд и умеење не успеа да не предизвика и да не испровоцира да застанеме и да размислиме за пораката или идејата на авторот.
Ние не ги осетивме емоциите и пораките на авторите. Тие останаа затворен во своите авторски личности и концепти, недозволувјки му на посетителот со нив да комуницра преку делото.
Можеби можноста да да се притиска на “окинувачот“ на дигиталецот до бесвест, не само кај овие автори туку насекаде во светот, неказнето им овозможи на фотографите да си “играат“ со визуелниот свет. Чинот на снимањето во аналогната фотографија подразбираше превизуализација и претходно размислување, бидејки секоја снимка чинеше пари, “дигиталните фотографи“ одат по системот на големите броеви, од мноштвото фотграфии да избере она што е по негов вкус, без претходно да вложи творечки напор и елаборација, фотографијата да биде со содржина и осмислена порака, а не самата да биде на себе цел.
Секако највпечатлива е фотографијата на Бранислав Ритоња, со мотив од Венеција каде каналите во сутон ги претставил како отисок/или скен/ од филм.
Но доминатен дел од авторите се посветуваат на стилизирани фотографии со што се приближуваат на изрзот на графичарите во сликарството (Борис Воглар, Геро Англаитнер), а во тој стил ке го истакнам инвентивниот Бојан Шенет со “Голи Оток“, каде суптилно и со рудиментирани средства ја осликува трагедијата на затворската самица.
На крајот што би заклучил. Радува фактот што имаме дела од навистина голем број на автори. Го гледаме влијанието (добро но и лошо) од глобалнта експанзија на интернетот, како и опасноста авторот но и пошироко “заедниците“ да го изгубат својот идентиет под влијание на агресивно наметнатите вредности на “глобалното село“.
Од друга страна, верувам дека во 18 деценискиот развој на фотографијата оваа генерација веројатно е наједуцираната и најинформираната. Очекувам со време квантитетот на иформираноста, високото техничко ниво на фотографските средства, да дадат нов авторски потик, во креирање на една нова, возбудлива и креативна фотографија.
Александар Кондев