Изложба на фотографии од ФК Елема во Марибор

Во петокот, 04.05.2012, во Универзитетската библиотека во Марибор, Словенија беше отворена изложба на фотографии од Фото клубот Елема од Скопје со наслов Elema monohromatic. Во годината кога Фото клубот Елема слави 50 години од своето постоење, тој се претстави со 30тина дела од своите членови, во европскиот град на културата за 2012 – Марибор.

Фото клубот Елема од самите почетоци на своето постоење бил во врвот на македонската фотографска сцена. Во него членувале голем број важни македонски фотографски имиња.

По турболентните времиња кои почнаа со распаѓањето на бившата држава, голем дел од вредностите и навиките на луѓето се променија. Тоа, некако се случуваше паралелно и со подемот на новата револуција (или деградација) на фотографскиот медиум. Во тој период, бројни фото клубови од Македонија не успеаа да најдат нов модус на постоење и згаснаа.

Елема ја имаше таа среќа да опстои и годинава да доживее педесет години од своето постоење. Веројатно тоа се должи и на тоа што за наголем дел од своето постоење успевала привлекува нови генерации кои и даваат елан и поттик како и да ги задржи старите кои со своето искуство придонесувале за одржување на едно континуирано високо ниво на поимање на фотографијата воопшто.

Во сите успони и падови на постоењето на клубот, односите меѓу членовите биле негувани на еден елегантен начин а понеделничките состаноци, во барака 3 имаат култен статус.

Со инвазијата на морето фотографи кои продуцираат (и постираат) милиони фотографии на дневна база, што ни ги носи сегашноста, како и најразличните платформи и медиуми за нивно презентирање, Елема, активно се бори да го најде своето место под тој растеглив шатор. Се труди да ги задржи вредностите кои ги декларира, да го задржи својот идентитет, или да го изгради своето ново лице, без да се изгуби во тоа море…

Во глобални рамки, Елема е најпозната по организирањето на фотографското биенале Фотомедиа, чиј каталог во последните неколку изданија е рангиран од ФИАП меѓу петнаесетината најдобри во светот.

(превземено од plagij.at)

Оваа статија е објавена во Авторска фотографија, Вести.

Comments are closed.