Јавно предавање „Фотографијата пред Дагер“

Во сабота, 26. мај 2012 со почеток во 18:00 часот, во Кинотеката на Македонија предавање на тема „Фотографијата пред Дагер“ ќе одржи проф. др. Душан Стулик од Институтот за конзервација ГЕТИ, од Лос Анџелес – САД. Предавањето го организира Македонскиот центар за фотографија во соработка со Кинотека на Македонија.

Многу историчари на уметност кои ја обработуваат фотографијата, почетокот на фотографијата го сместуваат во 1839 година, кога Луј Манде Дагер го обзнани пронаоѓањето на дагеротипијата. Иако Дагер ја има заслугата за пронаоѓање на првиот комерцијално успешен фотографски процес, тој не може да се поврзе со првата идеја за фотографија ниту пак со првата фотографска слика.

Со ова предавање професор Стулик ќе се осврне на предисторијата на фотографијата оценувајќи го притоа придонесот на оние научници и филозофи кои со својата работа го овозможиле создавањето на овој медиум. Посебен акцент ќе биде ставен на работата на Жозеф Нисефор Ниепс како творец на првата сочувана фотографија во светот. Истовремено, со предавањето ќе биде опфатено и последното истражување на Институтот за конзервација Гети, со кое се откриени многу значајни факти за работата на Ниепс и Дагер, факти кои го менуваат нашето поимање на историјата на фотографија.

____________________________________

Професорот Стулик е виш конзерватор на Институтот за конзервација ГЕТИ. Се здобил со диплома и магистериум од областа на хемија како и диплома од историја на уметност на Универзитетот Чарлс, а докторирал во областа на физиката на Чешката академија за науки во Прага. Пред да стане член на институтот ГЕТИ, д-р Стулик бил професор по хемија на Вашингтонскиот државен универзитет како и вонреден професор на Универзитетот Корнел.

Тој е конзерватор на првата фотографија во сватот; автор е и коавтор на неколку научни книги од областа на конзервација на фотографија и на повеќе од педесет менторски оценети статии од истражувачки карактер. Добитник е на неколку престижни награди за неговата работа поврзана со зачувување на културното наследство.

Оваа статија е објавена во Вести.

Comments are closed.