Почитувани. Ни претставува особена чест да ја објавиме следнава вест. Еден од поистакнатите членови на Фото Сојузот на Македонија и член на редакцијата на оваа страница, Владимир Арсовски, се претставува со изложба во Нирнберг. Подолу ќе ги најдете пропратните материјали на изложбата, кои сами по себе зборуваат доволно за авторот и изложбата.

ПРЕДГОВОР
Бојан Иванов
Повеќето критички осврти кон поновото творештво на македонскиот фотограф Владимир Арсовски (1957, Скопје) се довршуваат во вреднувањето на постапките и мотивите коишто овој уметник ги претпочита – дигиталното снимање и обработка на женскиот акт или на роднокрајниот предел. Дофатот на таквиот приод е нужно ограничен на пофалбите за вештото ракување со најновата технолошка подлога на фотографскиот медиум или за досетливото ползување со обемното наследство претстави за природната состојба на човекот и за природата во човековото искуство. Следствено, фотографиите на Арсовски се неретко во јавноста прифатени како само уште еден, убаво стокмен обид за современо толкување на традиционалните форми – обид којшто е, навидум, задоцнет и целосно неприкрепен за стварноста. А притоа, секоја следна средба со делата на Арсовски изгледа дека решително ги побива овие впечатоци и мненија како избрзани и недоволни.
Тековниот повод на обновениот интерес за фотографските практики на Арсовски е неговата последна самостојна изложба којашто, под едноставниот наслов „Бои“, опфаќа триесетина експонати со шифрирани легенди за хроматските состав на отпечатоците. Главен мотив на изложбата е истражувањето на ликовниот, културен идентитет на природата, поточно, на палетата на македонскиот предел. Кон таа задача, уметникот пристапува црпејќи од репертоарот на усвоени, веќе разработени претстави коишто можеби и не се толку длабоко врежани во сеќавањето колку што се присутни како некое нејасно приспомнување: рибарски чунови крај езерскиот брег, карпести силуети исцртани врз ѕвезденото платно, сребрени изворски слапови, разгазени змијулести патеки под планинските сртови … Очигледно, Арсовски без двоумење го употребува говорот на фотографските општи места како готова предлошка за една мошне лична потрага по јазичната способност на емотивните регистри и, пред сè, на евокативните својства на она што постои само во човековата имагинација, имено, на бојата. За таа цел, уметникот често се навраќа кон истото место и кон истиот призор чекајќи го, а во последно време и предизвикувајќи го чудото на хроматската нарација со вештачки извори на осветлување. Наедно, во доменот на фотографската постапка – снимањето и обработката на сликите – Арсовски прави посебни напори да го совлада нередот и одвишното повторување коишто се, инаку, невидливи за ликовно рамнодушното око на фотографскиот апарат.
До тука, би се рекло дека благодарение на една макотрпна посветеност на подробностите и на технички беспрекорната изведба, уметникот успева да изгради сосема уверлива проектна рамка околу мотивот на обоените спомени. Од друга страна, неговата самоуверена постапка и сувереното владеење со нијансите на пејзажниот израз, како само да го подзасилуваат веќе постоечкиот впечаток дека овде се работи за некакво сладникаво, преработено и по малку суетно видување на стварноста којашто не постои или, пак, на стварноста каква што треба да биде. Доследното објаснувањето за оваа двосмисленост на восприемањето, ќе треба да се побара во претстојните ликовни видувања на уметникот за стварноста којашто е предадена неточно но вистинито.
Изложбата „Бои“ на Владимир Арсовски, бездруго соопштува извесна вистина за чувствата и копнежите коишто уметникот ги споделува со сопствената општествена средина и со своето поколение, воопшто. Оттука, овие слики на предели од мечтите, заслужуваат особено внимание како мошне впечатливи и самосвојни достигања во поновата македонска фотографија.
ЗА АВТОРОТ:
ВЛАДИМИР АРСОВСКИ
Роден 1957 година во Скопје каде што и денес живее и работи како дипломиран електроинженер по информатика и фотограф.
Активен член е во фото клубот Елема од Скопје и во Фото сојузот на Македонија, каде што држи фотографски курсеви на младите автори. Досега има направено четири самостојни изложби, 3 во Македонија и 1 во Словенија. Зема учествувано на многу заеднички изложби во земјата и во странство на кои што добива признанија и награди.
Единствен автор е на преку 700 фотографии во мултимедијалната монографија „ Amazing Macedonija“ издадена во 2009 година, која што оваа година доби четири високи меѓународни признанија на фестивалите во Италија и Хрватска.
Неговите фотографии се упоребуваат во многу публикации и во земјата и во странство, како и за екслузивни календари за најпознатите компании и банки во Македонија.
Оваа Изложба во Нирнберг е негова петта самостојна изложба и истата е организирана од град Нирнберг и асоцијацијата за култура Икон. Изложбата е под патронажа на Фото Сојузот на Македонија.
Реч за отворањето на изложбата на Владимир Арсовски во Нирнберг, Германија.
Климе Коробар
Почитувани Дами и Господа,
Граѓани на нашот збратимен град Нирнберг ми причинува особена чест и задоволство и јас да Ви се обратам на отворањето на изложбата „ Боите од Македонија “, фотографии на уметничкиот фотограф Владимир Арсовски.
Вечерашнава изложба е во рамките на соработката на нашите два збратимени града кои оваа година имаат голем јубилеј 30 години од потпишувањето на протоколот за соработка.
Изложбата преставува вистинска радост за мене затоа што преку овие прекрасни фотографии ќе ја запознаете природната убавина на мојата мајковина Македонија.
Природата, чиј репрезент е пејсажот, гледачот на изложбата на Владимир Арсовски го прима со посредство на објективот кој го заменува нашето око, кое е одмерено, здраво и логички сконцентрирано на темното и светлото кои ја градат фотографијата. Зеницата ja впива глетката на раскошниот пејсаж, што ни овозможува да уживаме во боите и хармонизираните облици.
Главен адут, (ако така може да се изразам) во фотографиите на Арсовски е бојата, изразена преку оркестрација на различни тонови со нагласен лиризам. Во фотографиите на овој уметник волуменот на предметот е во целосен склад со композицијата што јасно говори за естетизмот кој тој го поседува.
Посветеноста со која Владимир Арсовски тргнува да фотографира и градењето на фотографијата , при што за да ја постигне својата цел интервенира и со додатна светлина, јасно говори дека фотографиите пред нас не се случајни, тие се осмислени, при што грижливо е чекан моментот за да се отвори блендата во согласност со експозицијата. Така фотографиите бликнуваат пред нас со целата своја убавина што упатува дека пред нас е фотограф во вистинска смисла на зборот.
Почитувани јубители на уметноста на крајот би сакал да се заблагодарам на Градот Нирнберг, на службата за меѓународни односи и секако на нашиот почесен граѓанин г-динот Вернер Трини за вложениот напор оваа изложба да биде реализирана во овој прекрасен простор.


