Cовремената македонска фотографија, галерија Принципиј, Ријека, Хрватска

Македонската современа фотографија преку работата на 31 автор и 45 изложени дела, ќе се претстави утре пред хрватската публика.

Изложбата насловена „Современа Мiакедонска фотографија“ ќе биде отворена утре, 25.09.2012, во 20:00 часот во галеријата Принципиј во Ријека, Хрватска, а ќе ја отвори почесниот конзул на Р.Македонија во Хрватска Горан Калоѓера.

Изложените фотографии се избор на уметничкиот совет при Фото сојузот на Македонија, кој преку оваа селекција сакаше да ја презентира фотографијата во Македонија денеска, но и работата на авторите од разни генерации, кои работат самостојно или како членови на фото клубовите, како и мотивите и идеите кои авторите најчесто ги преокупираат.

„Овие 45 фотографии се силно поврзани и вмрежени со изворната праисконска идеја на фотографијата. Го имаат уловено животот или ситните нешта кои животот го прават поубав. Дали е тој живот фатен на улица, во од, или е режиран според магичната снимателска имагинација на авторот и преточен во трајна фотографска слика, на крајот не е воопшто битно. Творечките патишта на авторите се различни, а методиологиите силни и со силен личен печат. Резултатот на овие индивидуалности е актуелна и современа фотографија, која со самиот чин на избор од страна на стручното тело се престорува во историски факт и по овој автоматизам преминува во архивски материјал. Не само архивски материјал, туку добива значење на културно добро бидејќи ја претставува фотографската работа на една земја. Духот и свежината од непосредноста на овие фотографии силно се чувствува…“ во каталогот за изложбата ќе каже проф. Борислав Божиќ.

 

Повеќе информации на: http://photori.org/photori/suvremena-makedonska-fotografija/

Галерија од отворањето

Поздрав,
www.fotosojuz.mk

Оваа статија е објавена во Вести, Редакција.

Comments are closed.