Драги наши, вакви содржини немаме така често. Проследете ги импресиите од Фотокина 2012, напишани ексклузивно за страната на ФСМ, на еден духовит и неформален начин, би рекле од перспектива на просечен корисник, иако авторот Орце Поповски е многу повеќе од обичен корисник на техниката . Ставовите изнесени подолу, се негови лични ставови и не нужно се поклопуваат со ставовите на редакцијата на страната на ФСМ.
Ова се моите импресии од Фотокина 2012, на некого ќе му се допаднат а на некого не, но тоа е.
На почеток да разјасниме дека сум канонџија, никонџија и малку пентаксџија, но од фото опрема земав Никон 7000 со 17-55 ф2,8 и еден блиц , на инсистирање на еден мој пријател со кој бев на фотокина земав и сони некс 5н со кит објективот и сигма 30мм ф2,8.
Првиот ден бидејки директно од аеродром отидовме на саем, нексот го земав поради помала килажа, а и за проба за сликање сони некс 5н и така Никонот ми остана во апартман цела фотокина, точно според трендот во светски рамки – апаратите без огледала стануваат се популарни.
После влезот, на плоштадот имаше поставено многу опрема за набљудувачи на птици и нормално неколку птици за да може да се проба опремата. Според интересот ова хоби на запад е доста популарно, дури и новиот сопственик на Pentax газдата на Ricoh е голем фанатик и им дал целосна подршка на инжењерите да работат на нови продукти, интересно беше што имаше голем број на адаптери преку кои може да закачиш ДСЛР апарат на телескопот и да добиеш објектив од 1000 мм. Ова хоби кај нас како што тргнала работата со масовните труења на големите птици нема иднина, а ако нешто не се смени ке останат само врапчиња, гулаби и чавки за гледање што и не е некој предизвик. Но секогаш се тука комшиките и комшиите како замена.
Кај Canon главна ѕвезда беше новиот 6Д, за кој имаше најголем ред за пробување. И од мојот прв контакт со него може да кажам дека на секој фото аматер и професионалец ке му биде задоволство да работи со него, брз е и одлично направен. Првиот апарат без огледало од Канон ЕОС М, беше како тринаесто прасе, најверојатно го направиле затоа што сите други имаат па и тие да не останат покуси. Примерокот што го имав нешто многу бавно фокусираше во споредба со другите од оваа класа. Брзината на фокус е битна работа, па мислам дека сега треба да го заборавиме и да почекаме со втората или третата генерација да се направи нешто поозбилно. Тука беше и тешката артилерија од канон филмските ЕОС Ц камери, кои поради цената ке бидат ретки ѕверки на нашите простори.
Кај никон ѕвезда беше Никоновиот модел Д600 кој со цена ке биде како и канонот 6Д. Одлично направен апарат со доста можности и плус блиц на него. Кај никон е истиот муабет за апаратите без огледала, ги имаат колку да се во игра, но мора да се признае дека им обрнале поголемо внимание од колегите од Канон. Иако јас лично мислам дека и канон и никон се на два први брачеди од исто село од Јапонија, и не зезаат сите по малце но што е тоа е.
Најбитно во оваа класа на апарати е тоа што големите сензори со цена стануваат подостапни за фотографите.
Кај групата на на апарати без огледала (Mirrorless interchangeable-lens camera) најозбилни играчи се Сони, Панасоник, Фуџи и Олимпус, а Самсунг се труди ама нешто не им ојт. Панасоник е многу озбилен и има нови зум објективи со Ф2,8 со што е во предност пред другите, а и како ергономија одлично лежат во раце сите апарати и имаат лесно мени. А и сетапот за пробно сликање им беше интересен. Олимпус има по мене најдобро дизајниран апарат ОМ-Д, имаат и батери грип за него, што мене ми е чудно бидејки се губи концептот на мал апарат, ама ајде. Но комбинацијата од контролни тркала од десната страна на апаратот е чудна за манипулирање и мене ми требаше повеќе време за да се адаптирам, а бидејки не успеав во тоа го баталив. Послабите модели од олимпус се поедноставни за користење и ако некој сака нешто од олимпус нека ги гледа нив. Кај самсунг и оваа фото кина иако се тудев колку што можам да се навикнам на Фн копчето кое е сместено на објективот некако не ми идеше, но од кај нив иако го играв со потсмев новиот Галакси апарат, ме остави малку да се замислам бидејки се на него функционираше некако природно за мене, можеби бидејки имам самсунг галакси телефон па лесно беше привикнувањето на менито но и фотографиите што ги направив со зумот беа Ок. И за мене лично најинтересниот модел Сони НЕХ 6 кој ме потсетува на моите стари Зенит и Практика, и кој ги има сите работи кои би сакал да ги има еден мал апарат. Кај електронскиот окулар мене на моменти ми се чинеше како да ми игра сликата и ми требаше време за навикнување на него, за разлика од НЕХ5, дисплејот на НЕХ6 е со помала подвижност поради окуларот. Ако не ви треба окулар слободно земајте го НЕХ5 кој е поефтин.
Проблем со сони е што нема зум објективи со поголема отвор, но јас воглавно сликав со Сигма 30мм Ф2,8 па и тоа се реши. Најновиот зуум објектив за НЕКС системите 16-50мм ф3,5-5,6 е многу компактен и во комбинација со некој од апаратите ке биде одличен алат за сите кои сакаат да сликаат Стрит фото, а да не ги прашуваат за која телевизија работат. Мислам дека во иднина ќе има се повеке леќи за некс системите. Со соработката на сони со Хаселблад мислам дека се гледа дека луѓето од сони се доста озбилни во тоа да се наметнат како трет играч на пазарот за фото опрема, а и никон ги користат нивните сензори. Фуџи сјаеше на овој саем со нивните апарати, имав прилика да разгорарам со еден косоок фотограф кој има фуџи про 1 и кај прашањето за фокусот ми кажа дека откога го ставил најновиот фирмвер на апаратот пред некоја недела сега има ауто фокус кој може да се користи, а ако сакам фуџи-да си купам Х-Е1. Како стратегија од фуџи ми беше кажано дека имаат намера на пазарот да извадат уште неколку објективи меѓу кои и еден 70-200 Ф2,8 и да се наметнат како четврт играч со професионални решенија.
Компактните апарати беа маргинализирани на саемот бидејки се најзагрозени од камерите на мобилните телефони и бележат пад во продажбата. За да бидат интересни на пазарот се поголем број на компакти имаат се поосетливи објективи, можност за поврзување на мрежа и мноштво други фукции.
Од објективи имаше се и сешто, само да трошиш пари. Мислам дека на секој нормален фотограф без разлика дали е аматер или професионалец, или е од таборот на канон или никон едно 50.000 евра ке му завршат работа, иако ќе мисли дека уште нешто му фали ама во моментот не знае што. За мене најбитно беше, како овластен сервисер на Сигма и нивен гостин на Фотокина да ми ги кажат плановите и стратегијата за следните две години. Сигма објективите ке бидат категоризирани во три групи Contemporary, Sport и Art, со што ке се доближат поблиску до обичниот купувач. Мене лично ми остави најголем впечаток од Арт серијата новата 35мм Ф1,4 која има нов дизајн и многу подобрени оптички карактеристики. Интересно е што за новите објективи ке биде понуден и УСБ адаптер со кој ке може на едноставен начин прецизно да се намести фокусот и да се надгради фирмверот на објективот. Контролата на квалитетот на објективите е зголемена и секој објектив ке биде оптички проверен пред да излезе од фабрика. Интересен штанд имаше и Тамрон, кој со цени е најдостапен за нас и за кој официјален партнер со целосна подршка во Македонија по Фотокина ке биде ПиксПлус. Главна ѕвезда беше новиот 70-200мм ф2,8 со стабилизатор, кај нив имаше изложено и доста ОЕМ објективи кои сум ги среќавал низ апаратите од други производители. Samyang имаше доста интерсни мануелни објективи, кои верувам ке бидат интересни за оние кои снимаат видео со апаратите, а и за сите оние кои не можат да си дозволат купување на објективи од големите производители а сакаат да ги имаат.
Најцепачка комбинација за мене би била Hasselblad lunar во златна боја и објективите од Samyang кои се направени од злато, поголем цепач/ка ќе нема ни во село ни во град.
Новиот тренд кај стативите е стегање на нозете од стативот со навртување на прстени наместо класичните стеги со штраф, со овој принцип се намалува тежината и се попрактични за носење. Првиот озбилен статив со тој систем на стегање кој го земав да го монтирам кога го ставив да стои, едноставно си падна на една страна бидејки се зазборував со инжењерот кој беше и презентер, така се случи да еден од прстените не сум го стегнал до крај. Му напоменав на дека ова е озбилен проблем и дека би било добро да се има некаков визуелен маркер со кој ке знаеш дека се е стегнато, и човекот си запиша во тефтерче. Јас би препорачал на сите кои сакаат статив да си земат со заклучување со стеги со штраф, а за оние кои ке земат со навртување два пати да проверат дали е се стегнато.
Торбици и ранци во милиони бои, би ги издвоил Lowerpro, Vanguard, Tamrac, за професионалци F-Stop и како најразлични од сите Crumpler кои и не беа во саемот туку имаа изнајмено кафана пред саемот со бесплатно пиво за гости.
Џабе е фотогрфаска опрема ако нема каде од време на време да испринташ некоја фотографија, па макар и за на изложба. Како и пред две години и оваа имаше презентација на разни медиуми за принтови преку изложби низ цел саем, хартии разни, бои, принтање на стакло, урамени на плексиглас кој дава чуство на длабочина…. А за мене најинтересен беше делот кај фото книгите, каде на едноставен начин си правиш траен запис на твоите фотки, и ги смируваш бабите и дедовците на кои си им ветил слики од внуците ама веке две години не си направил ни една слика. Овој пазар во европа е огромен ама кај нас поради финансии и немукает го нема. Интересен податок е дека секоја 7 фотографија која е испринтана е направена со мобилен телефон.
Една хала беше посветена на Computer-generated imagery (CGI) или што би се рекло компјутерски генерирани фотографии, и кога ја гледав изложбата на дела направени за фотокина си реков дека во иднина ќе си седиме пред компјутер и ќе му речеш ај сега една планина, нека има малку облаци, тури десно една куќа со пат, коњот полево…. Ама ми текна дека не може со ништо да се замени пивото и месниот нарезок пред кооперација, дур слушаш некоја локална афера и дишеш воздух со мирис на пипер или тутун, па и да нема ни една добра фотка.
Ломо беа присутни со многу интересна поставка, ама некако се многу искомерцијализирани и со цени за мене високи, а јас лично како ломо замена користам андроид апликација на мојот мобилен и ми се допаѓаат резултатите.
За сите оние кои сакаат да сликаат со големоформатни камери им препорачувам да ра замислат за купување на еден ваков фото робот кој ке им ја олесни работата.
А на крај за многу зборениот систем Litro кој се удави во океанот на Фотокина, бидејки не успеав да го најдам .
За крај да им благодарам на Томи и Горан од екипата на Никон од Македонија, на Таки и Горан задолжени за Канон во Македонија, но најмногу на Пентакс и Сигма кои ме поканија на Фотокина а Игор од ПиксПлус кој ме убеди да отидам со него во Келн.
Галерија од Photokina 2012
Орце Поповски,
овластен сервисер на Сигма за Македонија.