Изложба на фотографии „ Пат “ на Миладин Чолаковиќ – Кинотека

Регоналната платформа за активизам „Лице в лице“ има чест да ве покани на изложбата на фотографии насловена „Пат“ на кинематограферот и фотограф Миладин Чолаковиќ. Настанот ќе се одржи на 3 ноември (сабота) во Кинотеката на Македонија со почеток во 19 часот.

Изложбата ќе биде поставена две недели, а на отворањето ќе присуствува  авторот Чолаковиќ, кој ќе ја раскаже возбудливата приказна за неговата инспирација за овие дела. Директорката на фестивалот „Браќа Манаки“,  Лабина Митевска ќе даде краток осврт за монографијата.

Ќе бидат претставени фотографии кои се дел од фотомонографијата „Пат“, која претставува субјективен фотографски документ за група Роми и се состои од два дела. Првиот, насловен “Мечкари“ е сниман од 1996 до 1998 година. Деловите од реалноста која тогаш ја забележал авторот се реконструирани 12 години подоцна, на почетокот на 2010 година. Така настанал вториот дел, „Собирачи на железо“. Изложбата се состои од 30 црно-бели фотографии кои ги има и во монографијата.

Фотографиите на Чолаковиќ ја следат животната приказна на оваа група луѓе, како и нивниот развој и промените кои им се случуваат во животот.  Чолаковиќ вели дека кога одлучил да ги фотографира во 1996 година, не ни сонувал колку тоа ќе го промени и колку ќе научи од нив. Подоцна, кога во 2010 година добил покана да ги изложи тие дела, посакал да види што се случува со неговите стари пријатели и да направи нова приказна.

-Прво отидов на местата на кои одевме заедно и забележав како тие изгледаат сега. Тоа беше многу возвудливо. Временската дистанца ги таложи емоционалните слоеви. Фотографијата е добра алатка за фиксирање во времето и ја прави минливоста многу очигледна. Затоа и нашето соочување со такви документи понекогаш е убаво бидејќи служи како катализатор на сеќавањето, а понекогаш непријатно бидејќи нè потсетува на нашата овоземна временска ограниченост – вели Чолаковиќ.

Чолаковиќ е автор на повеќе фотографски изложби, а како кинематографер ги потпишува филмовите „Смрт на човекот на Балканот“, „Востаничка улица“, „Бел, бел свет“, „Кажи зошто ме остави“ и други. Тој беше и член на годинашното жири на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. На фестивалот, во соработка со „Лице в лице“, тој одржа работилница за перспективите на фотографијата.

Оваа статија е објавена во Вести.

Comments are closed.