Изложба на ФК ЕЛЕМА во Сараево

Патувачката изложба „Елема монохроматик“ на фото клубот Елема од Скопје ќе биде отворена во понеделник, на 5 ноември во 19:00 часот во галеријата БлекБокс (BlackBOX) во Сараево.

Со 30тина фотографии авторите од фото клубот Елема се претставуваат пред Сараевската публика прославувајќи ја  50 годишнината од постоењето на клубот.

Формиран 1962та од група студенти на Електро техничкиот и Машинскиот факултет во Скопје, Елема успева да опстои до денеска благодарејќи на нејзината способност да привлече нови генерации кои носат подстрек и елан за работа и творење, а истовремено да ги задржи старите членови кои придонесуваат да се одржи високото ниво на фотографската естетика.

„Елема монохроматик“, иако претставува само дел од творештвото на членовите од клубот, јасно го пренесува нивниот поглед кон современата фотографија, нивните идеи, творештво и длабоката љубов кон фотографијата.

Изложбата е поддржана од Право Људски – филмскиот фестивал за човековите права, Сараево, а ќе биде отворена до 12 ноември 2012. Таа до сега се претстави и пред словенечката публика во Марибор, градот на културата на Европа за 2012.

Владимир Секуловски – Бистра

Фото клубот Елема годинава традиционално го организира, по тринаесетти пат, биеналето на уметничка фотографија Фотомедиа. По Фотомедиа за Скопје слушнале многу автори од најразлични земји од светот, а самата изложба е еден вид на реминисценција на едно активно, разиграно, квалитетно Скопје, кое е дел од светската културна мапа. Ќе биде интересно да се види овогодинешното издание, заради тоа што на глобалното поле културниот натпревар се повеќе се одвива дигитално, а Фотомедиа останува верна на вредностите кои гласно ги декларира, дека единствено на печатената (принт) фотографија може да се гледа како на краен продукт на авторот.

Рокот за пријавување на фотографиите е уште во тек и истиот завршува на 8 ноември 2012.

Оваа статија е објавена во Вести.

Comments are closed.