Студена Декемвриска Сабота. Темно. Закопани автомобили во снег. Паркинг замрзнат како хокејашки терен а наплаќа скапо, поскапо и од центарот во Скопје.
Неосветлените улици и луѓе кои брзаат да се приберат во домовите, само ја дополнуваат оваа “мрачна“ атмосфера. Нормално во себе си го поставуваш прашањето “Па што му требаше на Чкрап да прави изложба“, и со оваа мисла влегуваме во Домот “Иљо Антевски Смок“ каде беше поставена.
Кој контраст, во холот иако незагреан, имаше доволно “загреана “публика, која сакаше да присуствува на отворањето. Меѓу присутните беа и гости од Скопје, Куманово, Битола….
Уште една причина за задоволство, и потврда за упорната работа на претседатеството на ФСМ за организациска соработка на клубовите и авторите на полето на фотографијата.
Вкусно подредена Изложба каде беа застапени активните членови на “Чкрап“ од најстарите до јуниорите кои се и иднина на Тетовската фотографија.
И во Тетово се потврди трендот да на изложбите на фотографии сѐ поприсутна е женската фотографија, па и оваа изложба помина во нивни знак.
Иако “Чкрап“ нема материјална подршка од локалната самоуправа (нема ни простор) изложбата ја опреми со мал но вкусно дизајниран каталог и оригинална покана.
Убава “Годишна Изложба“. Преглед на продукцијата за 2012 година. Резултати кои се плод на ентузијазмот и стручното усмерување на новите генерации. Видовме фотографии кои се на завидно техничко ниво, но она што повеке радува, дека имавме фотографии со вуксно одбрани теми и стремење, авторите да се разликуваат во придстапот на темата и исказот, а со тоа на секоја фотографија да и се даде авторски печат.
Го напуштивме Тетово “загреани“ од ентузијазмот на членовите на “Чкрап“ ,,енергијата и упорноста што ја вложуваат да се постигнат овие резултати ,наспроти условите во кои тие живеат и работат.
“Чкрап“ му дава културен легитимитет на Тетово, но останавме со впечаток дека локалната самоупррава со својот однос кон културното творештво не го заслужува тоа.
Галерија од отворањето и изложените фотографии
Александар Кондев