Малку чуден наслов за текст кој треба да зборува за фотографијата. Само навидум. Фотографијата и театарот припаѓаат на културата, а таа како општествена надградба ја дели судбината на целото општество и e подложна на истите закономерности и влијанија. Театаот и драмата ми послужија како занимлива тема за споредба со фотoграфијата, бидејки може да ни даде аналогии кој ќе соодветствуваат со ова што се случува денес во фотoграфскиот медиум.
Општеството за разлика од природата не можеме да го проверуваме преку експеримент како во науката, туку само со аналогии и интердисплинарно размислување да ги откриеме правците на развој и промените што следат.
Прво треба да се елаборира поминатиот пат/скоро два века/ во развојот на оваа уметност. Ако деветнаесетиот век значеше настанок и поставување на темелите на техниката но и на естетиката на фотографијата, како и отворање на сите постоечки дилеми околу неа, дваесетиот век значеше етаблирање на фотографијата како уметност, и нејзино промовирање во доминантен медиум, дваесет и првиот век, силовито ја наметна технолошката промена на медиумот, од аналогна кон дигитална обработка, што повлече тектонски пореметувања во веќе етаблираниот вкус и естетика на сликата. За многу тоа беше крај, катастрофа….но дали е така?
Која е разликата – наместо филм имаме чип, наместо екслузивност на фотоапаратот и филмот, сега може секој да фотографира, со се (на пр.телефон) наместо фотолабораторија имаме компјутер и принтер, место папки со филмови “хард“ дискови, фотографии сега може да гледаме и на екрани со големи димензии (исчезна дијапозитивот како дисциплина), а не само како “хард“ копија….
Но суштински дали нешто се промени. Од творечка гледна точка одговорот е НЕ. Естетиката е иста, особеностите што ги носи технчхкиот медиум како што се перспективата, експозицијата, бојата, резолуцијата, временската димензија е иста.
Па ќе се постави прашањето, во што е проблемот?
Сега ќе се вратиме на Шекспир. Во времето на Шекспир театарот бил во најголема мера забава, и тоа за повисоките класи. Уметниците биле сметани за луѓе од понизок ред (аналогно денес “сликар свадбар“), тие биле приморани во секој момент да се борат како за личната егзистенција така и за афирмирање на своето дело. Ретки биле луѓе во тоа време од калибарот на Шекспир, Молиер или Расин. Но тие што направиле, во своите дела на условно “занимливи“ теми за тоа време, со својот талент им дале универзално значење. Во нивните дела и денес силно звучат зборовите за човековата доблест и глупост, потрагата по љубовта,радоста и тагата, лакомоста и добродетелството. Тие создале универзален, етички, морален и културен систем, наспроти нивниот третман од општеството.
Сега да доаѓам до прашањето за “Ливинг “ театарот. Тој се појавува во пеесетите и шеесетите години на дваесетиот век како одговор на оној театар кој израсна врз темелите на класичниот, и стана неестески ,лажно креативен, еклектички, со еден збор мртов. Ако на тоа се додаде влијанието на филмот и телевизијата изгледаше дека театарот е минато.
“Ливинг“ театарот се врати таму каде и почна театарот, кај публиката, сувопарниот јазик го замени со сленгот, содржината ја осовреми, а публиката стана дел од дејствието. Но заборавија овие автори на горчливото искуство на своите претходници, и ја направија истата грешка. Станаа ексклузивни, се затворија во “својата“ естетика, се залажуваа во својот конформизам…
Шекспир стана повторно актуелен. Идејата, уметничката порака, силата на зборот и времето кое ги потврди вредностите, се факти, кои неможат да се пренебрегнат. Засегнатите уметници, кои не сакаа да ја видат својата неинвентовност, своето неработење, самозаљубеност, како реакција на ова, го обвинија светот, дека е необразуван и глуп, и не може да ја види нивната “генијалност“…..
Истото се случува и во фотографијата. Една голема категорија на “уметници“ во фографијата, под налетот на технологијата несакаа да видат и да сфатат дека техниката не е уметност,т уку средство, дека фотографијата сепак треба нешто да каже, да предизвика гледачот да застане и да комуницира индирекно со авторот преку неговото дело. И фотографијата како и драмата, треба своето кажување да го артикулира, да биде содржајно и средено. Не е авангардно ако се има несекојдневна или провокативна тема (како во “Ливингот“кога се вика и пцуе), туку тоа мора има смисла и цел зошто е таму. Суровиот дивјак не ствара уметност, уметноста е резултат на развојот на човековата цивилизација, затоа не држи тврдењето дека вулгарноста и сировоста во делата е начин да се искаже слободата на авторот.
Да резимирам, за мене нема дилема околу фотографската уметност. Таа продолжува да се развива подржана од технологијата.Таа има се поголеми средства за да се искаже и да понуди нови идеи и гледања. Но моќта на техниката и технологијата бара и способност да се владее со неа. Како што неконтролираното трошење на природни ресурси доведе до климатски промени кои имаат и катастрофално обележје, истото важи и за овие фини технологии кои можат од средство да станат цел на авторот. За овие автори нема спас. Затоа таму ќе ги лоцираме и изворите на жалопојките дали фотографијата има иднина или не. Тие секако немаат иднина. Фотографијата има.
Александар Кондев