After – изложба на фотографии на Димитар Апостолов

Изложба на фотографии на Димитар Апостолов со наслов “After” ќе биде отворена на 5 април во 21:30 часот во Кафе МКЦ.

На отварањето музички перформанс ќе имаат: Сашко Костов, Игор Стојановски и Сецко Сеад Хаџиќ, а Теа Шалдева ќе настапи со Dj сет.

Изложбата ќе биде отворена до 14 април.

„Тој е необична појава во македонската фотографија.
Димитар Апостолов, чиниш, најпријатно се чувствува во фотографскиот андерграунд, а всушност, подолго време е присутен на фотографската сцена кај нас. Кога најмалку очекуваш, тој се појавува од дупката таков каков што е, директен и суров, но исто време емотивен и искрен. Додека мнозина ги фотографираат нивните животи, тој ги живее своите фотографии.
Клаустрофобичната атмосфера набиена со еротика и алкохол на прв поглед навестува помешани чувства кај гледачот. Тоа чувство трае кратко. Гледачот сфаќа дека не е навикнат некој така брутално да го бранува фотографскиот жабурник во Македонија. По некое време тој (гледачот), е свесен дека пред себе има еден артикулиран фотограф, кој што вешто владее со техниката, но уште подобро го користи јазикот на фотографијата и директно стрела во целта.
На гладната публика Димитар со своите фотографии и удира шлаканица в лице. Кога ги гледате неговите фотографии (кои што сакате да ги гледате долго…), имате чувство дека од некој ќош Ве гледаат Чарлс Буковски, Енди Ворхол и Тери Ричардсон… А, тоа е всушност Димитар Апостолов. Таков каков што е.“ – за него ќе рече Драги Неделчевски.

 

Оваа статија е објавена во Вести.

Comments are closed.