На вторите Пухареви денови, во Крањ, Словенија, од 2-6ти април, 2013, во друштво со многу престижни фотографски имиња од регионот/светот, со своја колекција ќе се претстави и македонскиот фотограф – Боро Рудиќ. Во родолжение следи извадок од каталогот на изложбата.
Боро Рудиќ припаѓа на генерација чиј пристап се оформува на традициите од осумдесетите години од минатиот век. За него ова е период полн со креативна слобода, време на лајф форографијата, време на модната фотографија, истражување на можностите на фотографијата во боја и користење на зонскиот систем на Ансел Адамс во креативната работа. Ваквата работа резултираше со фотографии и изложби (самостојни и групни) во земјата и во странство како и најпрестижни признанија во ФСМ. Неговото искуство во уметничката фотографија го пренесува и на професионално ниво и така започнува долорочна соработка со многу маркетинг агенции во земјата.
Неговата функција претседател на Фото Сојузот на Македонија ја започнува паралелно со функцијата член на уметничкиот совет на ФСМ.
Живее и работи во Скопје.
Мов-Боро Рудиќ
Колекција „Креирање-Исчезнување“
Фотографиите од оваа колекција се настанати како резултат на работата во последните две години. Снимени на различни локации во Република Македонија, со последните зраци на светлина или длабоко во ноќта. Можностите на правење фотографии се бескрајни. Фотографијата не е само замрзната слика. Фотографиите носат предизвик за авторот да ја скроти светлината, да ја насочи и обликува авторската артикулација, помеѓу објективната стварност и субјективното доживување. Скротената светлина, светлината која ги следи движењата, светлината која го црта нашето објективно опкружување, симултано спојувајќи ги овие две крајности. Сето ова креира еден нов замислен свет, свет на субјективни слики и искуства.
Чувството на правење фотографија а не само „ловење моменти“, чувството на давање на специфичен изглед на просторот околу тебе е едноставно и инспиративно.
Фотографијата настанува во еден егзактен момент кој потоа исчезнува кога светлото ќе изгасне. Фотографиите се направени така што ниедна не може да се повтори. Секоја фотографија е единствена и можностите се бескрајни. Се зависи од вашата визија.