Во вторник, 23 јули 2013 во 20 ч. во просториите на ЕУ инфо центарот во Скопје ќе биде организирана презентација и дискусија со фотографите Томислав Петернек од Србија и Франс Велтерс од Холандија. Двајцата фотографи пред македонската публика ќе претстават дел од нивното долгогодишно творештво и ќе се осврнат на искуствата од фотографирањето на Скопје откако градот беше разорен од катастрофалниот земјотрес во 1963.
Презентациите се истовремено и најава за нивните изложби на фотографии од катастрофата, кои ќе бидат отворени наредните денови.
Овој настан е дел од проектот „Фотографијата – сведок или жртва“ кој го реализира Македонскиот центар за фотографија со финансиска поддршка на Амбасадата на Кралството Холандија и Европската унија.
Томислав Петернек е еден од најпознатите фотографи од Србија. Се занимава со новинска, применета, рекламна, модна и подводна фотографија. Бил долгогодишен уредник на фотографија во НИН и акредитиран дописник при Министерството за информирање на Југославија од значајни фото агенции: Reuters, Eastlight, Contrast, UNICEF, Sygma. Од 1993 работи како слободен уметник. Добитник е на многу домашни и меѓународни признанија. Живее и работи во Белград.
Франс Велтерс е истакнат фотограф од Холандија. Со фотографија започнува да се занимава во 60-те години на минатиот век. Фотографиите од земјотресот во Скопје биле објавени во повеќе медиуми во Холандија (Het limburgs dagblad, Vrijevolk, Foto, Volkskrant) и битно влијаеле на неговиот понатамошен професионален успех. Бил долгогодишен професор по фотографија и добитник на повеќе домашни и меѓународни признанија. Во моментов се снима документарен филм за наговиот живот и работа.