Томислав Петернек – интервју

Под мотото Скопје се сеќава, кое е основна крилатица на сите активности за одбележување на скопскиот земјотрес од ‘63тата, Македонскиот центар за фотографија организираше презентација и две изложби на фотографии од скопскиот земјотрес. Нема да коментираме за впечатокот дека голем дел од гратските и државните фаци не покажаа интерес за овие значајни изложби, но некако е чудно што бројот на фотографи кои ги видовме на отворањето беше многу помал од некој очекуван. Дали е тоа периодот на организирање или едноставната незаинтересираност на помладите автори кои не ни знаат каква можност имаат пред нивниот праг е нешто кое е за некоја друга прилика.

Подолу ви нудиме интервју со една од најголемите икони  на фотографијата во регионов и секако од бившојугословенската сцена. Фото репортер со блескава кариера на која и може да и се позавиди и во глобални рамки. Уредник на фотографија на југословенскиот National Geographic односно белградскиот НИН, самиот вели дека имал голема среќа во животот што можел да работи со такви уредници и во услови кои во денешно време се незамисливи. Господниот Петернек, во својата деветта декада сеуште работи и луцидно го интерпретира светот околу себе.

Томислав Петернек, фото: Сашо Н. Алушевски

Томислав Петернек, фото: Сашо Н. Алушевски

Господине Петернек, како би ја коментирале вашата утрешна изложба?

Т.П.: Мило ми е што сум во Скопје и драго ми е што некој се сетил да го побара она го чувам пеесет години во својата архива, да го изложи, за да потсети на таа трагедија, на тоа што се случило. А тоа е правата функција на фотографијата. Тоа е првата функција, а втората е дека фотографот има за задача да го види она што другите не го гледаат. Да забележи нешто, да најде некој друг агол на гледање… во тоа е смислата.

ФСМ: Колку денови поминавте во Скопје кога беше земјотресот?

Т.П.: Ниту знам колку денови, ниту знам како дојдов до тука, ниту од каде слушнав за земјотресот, ниту како се створив на аеродромот во Белград. Тоа се нешта кои не ги знам. Ни тогаш ни сега. Прво нешто на кое се сеќавам е авионот кој слета од Скопје на Белградскиот аеродром. Пилотот и стјуардесата кои беа целите во прашина…воглавно, останав на аеродромот и успеав да влезам во првиот авион за Скопје со првата владина делегација за Скопје.

ФСМ: Значи негативите од првите два чекори не постојат?

Т.П.: Така, е, загубени се… хаха!

ФСМ: Овие фотографии ги направивте со една посета на Скопје или доаѓавте повеќепати?

Т.П.: За земјотресот бев само еднаш, но бев во Скопје година дена пред тоа, кога беше големата поплава во 1962.  Пота за земјотресот, нели и потоа на крај дојдов следната година, затоа што имав соработка со мои колеги овде од Скопје. Јас тогаш работев за „Младост“ а овдешен пандан беше „Млад Борец“ и направивме изложба овде, во едно новоизградено училиште, мислам дека беше донација од Финска. Изложбата беше наречена Скопјаните низ поплавата и земјотресот . Таму покрај другите беа, како и овде, изложени фотографии од Божо портирот од хотелот Македонија, кого го повикав на изложбата и после изложбата му ги подарив сите фотографии на кои е прикажано неговото спасување од урнатините.

Томислав Петернек, фото: Сашо Н. Алушевски

ФСМ: Скопје после земјотресот на некој начин стана меѓународен симбол на солидарноста. Што мислите, колку вашите фотографии придонесоа за целата таа приказна, за ширењето на веста во светот?

Т.П.: Па едноставно, јас работев во Младост  но исто така бев многу активен на меѓународни изложби на фотографија, преку фото сојузот и преку фото клубот Београд и на сите тие изложби ги праќав и овие мои две фотографии од земјотресот од Скопје кои јас ги сметам за најуспешни. И така, една година др. Карл Павек правеше голема светска изложба наречена Човек, во соработка со магазинот Штерн. Конкурсот беше организран на следниот начин: Секој можеше да испрати до 100 фотографии 18х24 см а потоа Др. Павек правеше селекција. Услов за гостување на изложбата беше само врвен музејски простор. Така таа изложба беше и во Белград и јас бев единствен кој имаше фотографија и тоа баш од земјотресот. Потоа следната година повторно имаше изложба наречена Што е жена(та) и повторно имав изложено една жена од Скопје на таа изложба. И така на тој начин јас посредно долго после самиот земјотрес ја ширев приказната за скопскиот земјотрес.

ФСМ: Како го доживувате Скопје денес?

Т.П.: Не прошетав многу деновиве.  Само гледам дека сте полни со скулптури и слушнав една добра анегдота на таа тема, некои претставници од европа во посета на Скопје, шетајќи ги прашале домаќините: до кога трае оваа изложба? Инаку мислам дека имаше многу добра идеја за реконструкција на Скопје. Тогаш беа ангажирани најдобрите светски архитекти за да го обноват Скопје. Каде е планот на Кензо Танге сега? Зошто неговиот план не е реализиран? Можеби тоа може да се нарече голем пропуст. Затоа што според тие нацрти, Скопје ќе беше град број еден во светот според просторно планирање и архитектура.

ФСМ: Сеуште сте активни како фотограф.

Т.П.: Па, кај мене нема пензија.

Томислав Петернек, фото: Ена Алушевска

ФСМ: Каде е фотографијата денес?

Т.П.: Има многу млади талентирани луѓе. Јас, колку и да сум задоволен што сум постигнал како фотограф, уште повеќе ме исполнува што сум ги едуцирал помладите.  Ок, направив што направив, познати ми се делата, се продаваат, но и направив една генерација на млади луѓе и тоа ми е најголемо задоволство. И ги има сега успешни и во светски рамки.

ФСМ: Во Србија е доста развиена сцената на дигиталните изложби…?

Т.П.: Па да. Јас сум голем противник на таквите изложби. Еднаш имав можност да жирирам една таква изложба. Кога седнав пред монитор и кога видов дека има илјадници фотографии кои треба да ги прегледам и да ги оценам, сфатив дека е тоа едноставно глупо. А сите тие кои ги организираат таквите изложби, бараат од вас да скоро од секој автор има примено барем по една фотографија, од проста причина, да следниот пат истиот автор повторно да испрати фотографии, односно повторно да плати котизација. На тој начин се вртат пари. Тоа е мотивот за таквите изложби. Тоа не доведува до хиперпродукција и никако не е во корист на фотографијата.

ФСМ: Како влијае тоа врз актуелната фотографија.

Т.П.: Па не знам што освен ова што кажав. Јас имам свој суд и сакам да држам до него. Факт е дека кога јас жирирам, јас сакам да бидам и селектор на изложбата. Тогаш јас сум крив што некоја фотографија не е или е на изложбата. И секое жирирање кај мене е јавно. Секој може да дојде, да види и да ги чуе моите коментари, зошто нешто сум одбил или примил. Тоа е единствениот начин како да им помогнеш на луѓето да се развиваат…

ФСМ: Што би им препорачале на луѓето кои сега почнуваат да се бават со фотографија?

Т.П.: Една работа. Да сфатат дека тие ништо не измислуваат. Дека фотографијата е одамна измислена и дека тие можат само да ја надоградат со својата идеја. Тоа е многу важно.

И друго. Фотографиите имаат најчесто многу детали. Застани пред фотографијата. Замижи. Отвори ги очите. Таму каде што ќе ти се прикова погледот, тоа е акцентот на сликата. Ако погледот ти шета по фотографијата, фрли ја во ѓубре. А потоа доаѓа анализа, расчленување, размислување за другите детали. Тогаш доаѓа фазата на читање на фотографијата. Секоја добра фотографија има огромен број на детали кои треба да се прочитаат на разни начини. Фотографии кои не нудат приказна која може да се чита, не вредат.

 

ФСМ: Големо БЛАГОДАРАМ од името на ФСМ.

Оваа статија е објавена во Авторска фотографија, Занимливости, Разно.

Comments are closed.