Оваа есен, ЧКРАП! Полни 10 години од своето постоење. Редакцијата на ФСМ им го честита јубилејот и им посакува уште многу години успешна работа. Јубилејот ќе го одбележат како што е ред, со клупска изложба. До членовите на ЧКРАП! испративме неколку неформални прашања. Ова се одговорите кои стигнаа до нас. Веруваме дека и меѓу редовите, се доживува карактеристичниот дух на ЧКРАП! и „ЧКРАП!-овци“.
Што е ЧКРАП!?
-
Тоа е ономатопеа на звукот што се слуша кога ќе се притисне копчето на фото апаратот – чкрап!
-
Хетероген состав на луѓе (во секој поглед) но со исти интерес – фотографија. На нашите состаноци никогаш не е тема на разговор кој каков објектив има и слични технички аспекти на фотографијата, туку секогаш во центарот на вниманието е духот на фотографијата 🙂 Со еден збор кажано UNITY! – Сандра Новеска
-
Чкрап! е друштво каде што се комуницира преку фотографија…Ханис Багашов (14 год.)
-
„Чкрап!“ е необичен збир на индивидуи, (неформална Фото група), кои имаат една работа која ги поврзува – фотографијата. Инаку се сосема различни. Толку различни што се собираат сите заедно само еднаш годишно (иако секојдневно течат флуиди меѓу нив по разни канали: мејлови, соц.мрежи, гулаби и сл.). Исто време тоа е најзначајна појава во фотографското живеење во Тетово (нема друга!), а можеби е интересна и во Македонија-Драги Неделчевски
Име презиме и крвна група?
Ова сме ние (од слабокрвни до полнокрвни):
Александра Новеска, надежна.
Андреа Ѓорѓески, мистериозен.
Боби Дојчиновски, интелигентен.
Борче Сиљјаноски, мераклија.
Давор Спасоски, прецизен.
Драги Неделчевски, климактеричен.
Елена Трпчевска, загубена.
Филип Трпески, збунет.
Ѓорѓи Ристоски, професионалец.
Гоце Димитриевски, инженер.
Гоце Матески, скриен талент.
Ханис Багашов, New kid in town.
Игор Ѓорѓевски, расположен.
Јовица Рафајловски, дизајнер.
Мери Каталиниќ, отмена.
Миодраг Николиќ, легенда.
Мирче Новаковски, постојан.
Самир Љума, one & only!
Сашко Дете Илов, вселенски.
Зоран Андонов, стабилен.
Низ какви води пловеше ЧКРАП! до сега, кога ќе го пуштиме да оди во петто одделение, како му поминаа првите десет години од детството?
Се почна ентузијастички, па потоа бевме еуфорични. Пред некое време паднавме во кома, а сега сме high & cool истовреме.
Што би издвоиле како клучно за вас? Што ве прави едниствени?
Мејнстримот е жабурник. Мазох ни е втор братучед. Под превезот на лежерноста (се надеваме) се крие вулкан. Се шегувам. Ние сме само множество на различни и интересни индивидуи кои ја сакаат фотографијата (понекои од нас и ја практицираат, помалку или повеќе успешно).
Кои се предизвиците на ЧКРАП!?
Ах… Како да се најде сила, мотивација, да се работи фотографија, и тоа квалитетна фотографија, во една сосема непријателска средина за ваков вид активност. И не само во општото опкружување, туку и во т.н. „фотографски кругови“, начинот на кој живее „Чкрап!“ често се смета за непримерен, налудничав, глупоавгустовски обид да се биде во прв план. А, всушност, ние само сакаме да не остават на мира и да си правиме фотографии и да се дружиме. Ах, да, никогаш не разговараме за (мега)пиксели. Тоа е забрането. Разговараме за фотографија… И како да направиме една годишна изложба.