ТРЕСКАВЕЦ ДАРУВА БЕСКРАЈНО
Секогаш кога бев на Трескавец, каде и да бев таму, јас бев на изложби, изложби кои ми ги даруваше оваа природа. Галерии насекаде, галерии на карпести скулптури, широко отворени за секој посетител.
Јас како почитувач на природата, на изложбите се упатував рано во утринските часови или пак трпеливо чекав во манастирот “Успение на Пресвета Богородица” до попладневите посети на изложбите. На овие изложби одев со фотографската опрема како би можел да ги забележам експонатите во галериските простории. За цело време се трудев да бидам внимателен набљудувач со должна почит кон експонатите на изложбите. Откако ќе добиев знак од нив, им се доближував и ја истражував нивната прекрасна текстура и лишаите на нив. Со секој нов ден, со секое ново сонце, дожд, снег, карпестите скуплтури се менуваа неприметно, стануваа уште побогати и поубави.
Го почитував секој нивни знак, предупредување до мене за тоа каде и како можам да се движам низ галериските простории. И како во секој музеј, богат со вредни и единствени експонати, се трудев колку е можно повеќе и поискрено да се дружам со овие експонати. Едноставно, не трчав од галерија во галерија. Впрочем, тоа никогаш и не сум го правел, во ниту еден светски музеј. После секоја посветена посета се враќав во манастирот под Златоврв каде што во мојот дневник ги запишував впечатоците од доживеаното на изложбите.
На многумина, а и на мене исто така, на почетокот пред повеќе од една деценија, поставеноста на карпестите скулптури ми беше чудна, необјаснива, но со поминувањето на часови и часови во комуникација со нив, тоа чудење избледе и на негово место дојде сознанието за совршена комуникација, разбирање и меѓусебна почит. Не случајно, многу композиции ги насловувам како фамилии. Од посетите на овие изложби се изродија неколку концепти како: “Принцип 1”, “Принцип 2”, “Мали композиции”, “Големи композиции-пејсажи”, “Манастирот”, како и мојот омилен концепт “Текстури и структури”.
Изложбите на Трескавец траат и понатаму, и ќе траат, а јас ја имам честа и радоста да прикажам дел од тие изложби пред прилепската публика и така да ја споделам радоста со луѓето кои живеат во близината на моите драги пријатели, на МОИТЕ ВЕЧНИ ПРИЈАТЕЛИ-КАРПИТЕ на ТРЕСКАВЕЦ.
Бескрајно сум му благодарен на мојот учител, природата на Трескавец.