Почитувани,
Фото Сојузот на Македонија и Дирекцијата за култура и уметност на град Скопје, изразуваат посебно задоволство да Ве поканат на отворањето на изложбата на фотографии со наслов „ФОТОГРАФИ(И)“ од Драги Неделчевски, Ф1 ФСМ, во рамките на „Денови на Македонската фотографија“ и „Скопско лето“.
На изложбата ќе бидат презентирани 40 црно-бели фотографии – портрети од фотографи кои авторот ги фотографирал додека тие го фотографирале него, 40 портрети кои ги поврзува едно нешто: моментот и чинот на фотографирањето. Фотографиите (со мали исклучоци) се направени последниве 4 години (2010 – 2014). Во време на разни его трипови, за оваа изложба, на прв поглед, може да се помисли дека е уште еден „его трип“, овојпат на авторот Драги Неделчевски. Фотограф ги фотографира своите колеги, додека тие го фотографираат него. Но, под маската на уште една егоцентрична ескапада можеби се крие желбата да се загребе под површината на феноменот на фотографијата и нејзините автори – фотографите. Можеби некој фото-археолог од иднината ќе се запраша: Кои се фотографите (познати или не на авторот) кои се фотографирани? Со какви фотоапарати (техника), се фотографирало? Каков бил односот на фотографот кон чинот на фотографирањето? Ова се нешта кои, заглавени во нашето секојдневие, често не ги забележуваме. Најмногу затоа што фотографот најчесто е скриен позади фотоапаратот, а се гледа само фотографијата што тој ја снимил. Ова е можност да го видиме фотографот во главна улога. „Тоа се мали студии на човекот позади фотоапаратот. Нивните изрази, моментот на концентрација, чудење или воодушевување, дури и нивниот “алат“ – се нешта кои би можел да ги гледам со часови“, вели авторот Драги Неделчевски…
ФСМ, јули 2014 година