Мистеријата Маер

Колку често ви се случило да се обидете да побарате нешто на интернет и да не најдете ништо? Скоро никогаш нели? И нормално е. Во едно вакво време кога секојдневно се предозираме со потребни и непотребни информации, една таква ситуација ни е незамислива. Но можноста за да се случи не е исклучена. Пред еден таков предизвик се поставил John Maloof купувајќи кутија со негативи на една од аукциите кои често ги посетувал. Името Vivian Maier не значело ништо ни за него, ни за неговиот пријател Гугл. За среќа, го следел неговиот инстинкт до крај за денес целиот свет да ја знае приказната за дадилката фотографка од Чикаго – Vivian Maier.

Парадоксална, храбра, ексцентрична, повлечена, мистериозна.  Со овие описни придавки започнува документарниот филм на John Maloof- Finding Vivian Maier.Станува збор за една мистериозна жена која се испоставува дека всушност работела како дадилка во Чикаго, постојано негувајќи ја својата страст – фотографијата, а нејзината посветеност резултирала со 150 000 негативи со кои не правела ништо освен што ги чувала. Планот на Џон да стигне до информацијата кому му припаѓаат сите тие генијални фотографии, по првите неколку интервјуа (со децата кои што ги чувала) добива сосема нов правец. Во сликата која тој си ја формирал за оваа жена веќе се наѕира двојна експозиција.

Vivian Maier, родена во Њујорк во семејство на мајка Французинка и татко Австриец, поголемиот дел од својот живот го минува во Чикаго зборувајќи англиски со француски акцент. И ако ова ви звучи комплицирано, треба да го погледнете филмот за да сфатите со што се‘ требало да се справи Џон. Таа по природа не била комуникатива личност и како средство за комуникација го користела нејзиниот Rolleiflex фотоапарат со кој успевала доста елоквентно да се изрази само што упорно одбивала да биде слушната. Таа го документирала духот на нејзината сегашност и ритамот на неколку декади во Чикаго. Во секоја фотографија впечатлива е нејзината сеприсутност со тоа што таа одбива воајеристички да ги раскажува туѓите приказни. Нејзините објекти се свесни за нејзиното навлегување во нивниот личен простор и немаат никаков проблем со тоа. Секоја нејзина фотографија е кратко сиже за нечие животно искуствораскажано преку чистата емоција. Покрај фотографиите од нејзиното опкружување, таа инсистирала да се прикаже и себе си како интегрален дел од средината, а тоа го постигнала со своите автопортрети и тоа фотографирајќи ги своите рефлексии од огледа и излози. Во овие прикази забележлива е нејзината ексцнетричност која всушност е ненамерна. Едноставно, оваа многу висока дадилка сакала да носи широка облека, големи палта и шешири.  Но сепак, најважната разлика меѓу автопортретите и нејзините останати фотографии е безизразноста на нејзиното лице во споредба со експресивноста на оние кои ја опкружувале. Безизразност која го навестува данокот што го ќе го плати нејзината генијалност на уметноста. Нејзиното одбивање да разговара за себе си и своите чувства со било кого, отсутноста на семејство и пријатели и од друга страна сведочење на толку туѓи животни искуства, кон крајот на нејзиниот живот, се манифестираат во лудило. Во суштина, кога Мајер не го компонирала својот следен кадар, била ладна, строга, затворена па можеби и исплашена, па не е ни чудо што зад себе оставила толку големо творештво. Тоа што одбивала истото да го покаже дополнително говори како фотографијата било нејзиното средство запреживување.

Невозможно е накратко и јасно да се пренесе нејзината приказна тука, а нема ни да се обидам бидејќи тоа совршено добро го направил John  Maloof.И покрај тоа што тој нема претходно искуство со филмската уметност,  успева одлично да се справи со сите правци на ветрот кои му ги носи ова патување. Неговата упорност резултира со едно јасно и концизно раскажување на туѓа приказна што е за пофалба доколку се земат во предвид комплексноста на самата личност, многубројноста на животите од кои била дел од кои пак произлегуваат најразлични верзии за она што таа го правела и она што навистина била. Покрај снимањето на овој документарен филм, Maloofуспеал (иако постхумно) да и‘ го донесе вниманието на Vivianкое можеби не го побарала, но дефинитивно го заслужува. Изложби на нејзините фотографии се поставуваат во познати галерии низ целиот свет, а покрај фотографиите останува и овој документарен филм вечно да ја раскажува нејзината приказна.  Дефинитвно, вреди да се погледне!

Јована Мишкоска via plagij.at

Оваа статија е објавена во Занимливости, Колумни, Научи.

Comments are closed.