Изложба на фотографии на Станислав Игнаци Виткјевич

Од 27 мај до 3 јуни 2015 година, Македонскиот народен Театар ќе биде домаќин на изложба на фотографии подготвена од страна на Амбасадата на Република Полска. На изложбата ќе бидат прикажани најпознатите фотографии на Станислав Игнаци Виткјевич познат како Виткаци (1885-1939), полски автор, драмски писател, уметник, филозоф и изведувач. Изложбата која ќе биде прикажана за време на Меѓународниот театарски фестивал во Скопје ја одбележува 130-та годишнина од раѓањето на авторот Виткаци и е дел од одбележувањето на проектот „Година на полскиот театар“. 

На изложбата се избрани  40 најдобри и највосхитувачки фотографии на Станислав Игнаци Виткјевич, кои преминаа во историјата на фотографијата. Дваесет фотографии потекнуваат од пред 1914 година, а другите дваесет од меѓувоениот период.

Раните фотографии се најпознатите автопортрети и портрети на блиски личности и на пријатели. Дел од нив се тесно кадрирани лица – овој вид композиција е карактеристичен за Виткјевич. Никој претходно, во областа на полската фотографија, не го применувал таквиот вид кадар толку доследно. Тој вид кадар, наречен close-up, сѐ уште се користи во филмот. Close-up кадрите на Виткјевич се издвојуваат не само поради иноваторскиот кадар туку, исто така, и со необичниот „метафизички“ израз на лицата на фотографираните личности.

 

Фотографиите од меѓувоениот период настанале како резултат на целосно поинаквото размислување за улогата на уметникот, а воедно и фотограф. Тие документираат, често со удел на пријателите, театарски ситуации, перформанси, „имагинарни сцени“, блиски на неговиот театар, што тој ги создавал. Нив ги карактеризира мистификацијата, апсурдот и гротеската, понекогаш можат да се споредат со надреализмот или со дадаистичкото сфаќање на реалноста.

 

Своите фотографии С. И. Виткјевич никогаш не ги изложувал јавно. Затоа биле откриени прилично доцна. Големиот број разнородни активности од „маргините“ на уметноста, кои моментално веќе ги вклучивме во сферата на уметноста, Виткјевич ги третирал целосно приватно. Токму фотографиите поврзани исклучиво со неговиот приватен живот претставувале фантастичен дел од неговиот Музеј на необичности, кои им го покажувал само на мал број „воведени во тајната“. Затоа никогаш не се сметал себеси за фотограф, и покрај тоа што целиот живот фотографирал со огромна пасија.

Стефан Околович, 2014

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Оваа статија е објавена во Вести, тагови: .

Comments are closed.