Боро Рудиќ – изложба во Софија

Магијата на фотографијата се крие во процесот на создавањето. Таа зрачи. Тоа на прв поглед не се забележува, но таа зрачи од секој нејзин дел.

Фотографијата всушност настанува во некој реален простор, во реално време, со реална перспектива на просторот, но сета таа “реалност“ кога ќе се сублимира во имагинацијата на Авторот, станува  визуелен  предизвик , приказна, односно, слоевит приказ на сето она што го инспирира, возбудува и го принудува да се искаже.

“Појавување и Исчезнување“ е изложба на зрел Автор кој со своето искуство и со своето творештво влегол во период, кој бара од авторот во процесот на создавање на фотографијата, да оди подлабоко во восприемањето на нештата, нивната симболика и порака, допирајќи дури до митското и магиското, кое и покрај сè  и денес е длабоко во нас.

Displaying Untitled_Panorama1 (2).jpg

Фотос е светло, графос е пишување, фотографија е цртање со светло, најсимплифицарана дефиниција на медиумот. И прифаќајќи  ја оваа наједноставна дефиниција, авторот зема храброст да се втурне во авантурата за да ја каже својата приказна за исконската природа, која секогаш нè победува со својата сложеност и тајновитост.

Боро Рудиќ, едноставно, со фотоапаратот го бара мотивот сокриен во ноќта, подалеку од градот, ослободена од вревата и шумот што ја скрнават убавината, и полека како старите раскажувачи, го става фотоапаратот на троножец и со светлото во рака, полека, дел по дел, ја одкрива и раскажува за скриената убавина, потенцирајќи или намалувајќи го интензитетот кон  предизвикот од природата, исто како раскажувачите во минатите времиња, навечер, покрај оган, кога е време за приказни и бајки…Затоа и фотографиите потсетуваат на нив. Да, сè е како што е во природата, и водата и небото, карпите и шумата, ама некако нестварно, видено од еден друг агол, нестварно како еден свет од соништата, а сепак препознатлив и конкретен..

За да се напише ена ваква “Збирка“ од приказни, потребни се денови и денови  размислување, разгледување на просторот, вдишување на воздухот и гледање во ѕвездите и Месечината… цели четири години во потрага по сокриените слики во ноќта кои требаа да се откријат и зачуваат.

Displaying Panorama spreda.jpg

Но на крајот пред нас блеснува природата со сета своја убавина, сокриената нежност и раскош, преточена во слики кои го пленат нашиот поглед.

Овие фотографии преточени во една ретко убава изложба и една несекојдневна монографија, оставаат длабок впечаток.

После Белград и Скопје, во Софија, во рамките на “Месец на фотографија“, секако најголема и најзначајна  фотографска манифестација во соседна Бугарија, на 26. јуни о.г. е отворена Изложбата на фотографии “Појавување и Исчезнување“ во Галеријата “Индустриална 11“, во присуство на членовите на Фотографската академија на Бугарија,   како и други автори и љубители на фотографијата.

Изложбата беше одлично примена и доби ласкави оцени од колегите и публиката.

 

 

Александар Кондев

Оваа статија е објавена во Авторска фотографија, Вести.

Comments are closed.