Во понеделник, 09.11.2015 година, во 20.00 часот, во НГМ – Чифте Амам ќе се отвори изложбата на фотографии, насловена како „Современа словенечка фотографија“. Организатор е Фото сојузот на Македонија, кој по поставката „Бисери на српската фотографија 1945-2000“, „Современа бугарска фотографија 2000-2015“ ја претставува оваа изложба пред македонската јавност. Пред македонската публика се претставуваат 38 современи словенечки автори со 62 фотографии, во избор на уметничкиот совет на Фото сојузот на Словенија.
И покрај тоа што некои фотографи во Словенија, во последно време, се обидуваат да се наметнат, пред сè, преку различни веб портали, фотографски списанија и фотографски школи, кои се посветени повеќе кон концептуалната фотографија, сепак Фото Сојузот на Словенија (ФЗС), останува со околу 700 фотографи, обединети во 40 клубови, како важен фактор во подрачјето на фотографското творештво во Словенија.
ФЗС е наследник на Фото-кино Сојуз на Словенија, кој е основан во 1946 година и бил член на Фото Сојузот на Југославија. По осамостојувањето на Словенија, во 1991 година се ФКС трансформира во Фото Сојуз на Словенија. Во Меѓународната федерација на фотографска уметност – ФИАП, Фото Сојузот на Словенија е примен уште во 1993 година.
Се разбира, почетоците на фотографијата во Словенија датираат уште од многу поназад во историјата. Првиот фотографски клуб бил основан уште во далечната 1889 година во Љубљана, а уште поважна година во историјата на фотографијата во Словенија е 1842 г., кога Јанез Пухар од Крањ, само 3 години по пронаоѓањето на дагеротипијата, ја измислува фотографијата на стакло. Минатата, 2014 година, со пригодна програма ја прославивме 200-годишнината од неговото раѓање.
2014 година ќе се памети во историјата на ФЗС и словенечката фотографија, не само по овие настани, туку и по отворањето на фотографскиот изложбен простор во замокот Негова, кој се здоби со статусот на FIAP Exhibition Centre и им нуди на врвните словенечки и странски уметници можност за изложување на највисоко меѓународно ниво.
Изложбата на фотографии, со кои ќе се претставиме во Скопје, на љубезната покана на Фото сојузот на Македонија, не е тематски заокружена целина, туку претставува пресек на остварувањата во областа на експресивната фотографија во последниве десеттина години во Фото Сојуз на Словенија и во Словенија, бидејќи фотографијата во моментов доживува нов препород и голема популарност, а со самото тоа и голем интернационален успех.
Иво Борко, претседател ФЗС