Арсовски

 

Моменти….

Визуелниот текст впишан во овој серијал на фотографии посветен на животот, е двозначен говор сочинет во знаковни дијади чија реторика се однесува на минливоста на времето како синхрона взаемност меѓу културата и природата. Преку него, Арсовски е во потрага по одговорот на прашањето: како да се естетизира навидум неестетичкото/неестетизираното или како да се естетизира непредвидливоста на животот?

Така, артефактот (културата), чијшто знак е чунот, се прикажува како метафора на животот, на човековиот живот како минливост (на природата). Од мугрите (кога се раѓа не само денот и виделината, туку и самото постоење), преку различните делови од денот (сончеви или тмурни, пријатни или поларно студени, како асиметрични периоди на искуствата), сè до квечерините и длабоките ноќи (во кои чунот, животот, е единствената светлина) се движи, тече, расказот за животот. Според овој расказ, невообичаено, животот не се воспева само како убавина, туку и како постојана борба со ретки мигови на спокој и задоволство, бидејќи животот е непредвидлив и, пред сè, незапирлив времетек.

Затоа, аистезисот создаден во овој серијал не е само естетизација (посетилнување) на мотивот (чунот и природата: од колористичките контрасти, преку јукстапозицијата и компонирањето на чунот со небото, водата и земјата, па сè до острината и сфуматото во кадарот), туку е и придвижена и придвижувачка сетилност на животот (од оптимизмот и неизвесноста на раѓањето, преку бурноста и суровоста на животот, па сè до неговото затишје и окончување), впишана со овој специфичен визуелен текст на Арсовски.

Проф.Небојша Вилиќ

Галерија со фотографии

Оваа статија е објавена во Вести, Останато.

Comments are closed.