Изложба по повод 20 годишниот јубилеј

Од името на членовите на Фото клубот наотварањето на изложбата по повод 20 годишниот јубилеј , се обрати Ѓоко Симјаноски :

Имам особена чест и задоволство, во името на председателот на фото клубот ОХРИД, Димче Коруноски- кој е оправдано отсутен, да кажам неколку зборови на отворањето на традиционалната изложба на фото клубот, која оваа година се одржува по јубилеен 20 пат во предвечерието на големиот празник на нашиот град, патрониот празник „Св. Климент“.Ова обраќање кон вас ќе го започнам со цитатот од текстот кој е сместен во каталогот од годинешнава изложба а во кој се говори за создавањето на фото клубот Охрид.


Честопати слушаме дека денес повеќе од било кога ни се потребни добри вести и добри примери. Којзнае дали е тоа најточно. Она што е сигурно вистина, е дека добрите примери и добрите вести се потребни секогаш и секаде, му даваат смисол на животот, го прават поубав, поисполент и им порачуваат на луѓето дека се таму каде што се, со причина.

Најдобри вести се секако, добрите нешта кои траат долго. Деновиве една таква вест е 20-тиот роденден на Фото клубот Охрид. Истовремено истата е потврда дека изграденото на темелите на искрени и благородни намери и чиста љубов има изгледи да трае долго.

Пред дваесет години неколкумина вљубеници во фотографијата од Охрид на едни вакви темели одлучија да го создаваат Фото Клубот Охрид.

Охрид заради својата несекојдневна убавина и мотиви кои го заробуваат погледот на секој чекор, ги предизвикувал фотографите одсекогаш. Тие и во минатото се организирале низ различни форми кои траеле по извесен период. Но она што го започнаа пред дваесет години Лазар Коњановски, Зоран Велјановски –Летра, Петар Боев, Боро Наумоски, Жаклина Ѓореска, Миле Миќуновиќ, Владо Тунтев, Атанас Талески…, за среќа беше идејата да се преточи во реализација и со крајна посветеност и упорност да се работи на задачата Клубот да опстои.
Еден од најзначајните моменти во неговата историја секако е зачленувањето на клубот во Фото сојузот на Македонија со што широко се отворија вратите за афирмација на членовите на клубот преку нивното учество на изложби во рангот на Македонија но и учество на меѓународно ниво со што на свој начин го промовираа нашиот град и Република Македонија .Наградите кои ги добиле поедини членови во рамките на овие активности само го потврдуваат квалитетот на членовите на клубот.

Сето тоа допринесе во изминатите години фото клубот „Охрид“ да биде организатор и на меѓународни изложби од највисок ранг а нејзини членови да бидат избрани како членови на жирија на изложби од цел свет.

Ја користам оваа прилика, во името на клубот, да им изразам благодарност и почит на сите оние членови кои во годините наназад вградиле дел од себе во овој клуб и кои со својата активност направиле тој да опстои и да биде ова што е денес и ќе биде и во иднина.

Изразувам голема благодарност и до сите наши сограѓани кои во изминатиот период со своето присуство и искажаниот интерес за фотографијата им дадоа потик на членовите и понатака да творат и да опстојат во оваа мисија.

Во еден ваков свечен момент, кога го славиме овој голем 20 годишен јубилеј, а во предечерието на Новата година кога, нели, се исполнуваат желби, во името на клубот би посакал час поскоро Фото клубот конечно да добие еден мал свој простор во кој ќе може да ја сочува својата историја но и да ја создава својата иднина.

И вечерва како и порано упатувам отворена покана до сите млади и до сите оние кои ја сакаат фотографијата, да станат членови на нашиот клуб и да ја споделат својата љубов со нас но и да ги научат сите тајни на фотографијата од оние кои можеби знаат нешто пвеќе од нив.

А вечерва, пред вас, својата љубов кон фотографијата, кога еден миг забележан со апаратот станува заробен во вечноста, ќе ја престават: Александар Лекоски, Борче Чакалоски, Дарко Бошњакоски, Ѓоко Симјаноски, Јасна Донева, Лазар Коњановски, Лидија Стефаноска, Љупчо Паункоски, Марија Савеска, Маријана Пипилева, Стефан Глушица, Зоран Вељаноски-Летра, Петар Боев и Димче Коруноски.
Со желба за уште многу јубилеи, уште многу генерации фотографи, бројни фотографии кои ќе останат да сведочат за своето време и ќе и пркосат на минливоста, ја прогласувам изложбата за отворена и

Ве поканувам да уживате во убавините на овие 45 фотографии…

Оваа статија е објавена во Вести.

Comments are closed.