Благоја Дрнков (Скопје, 1914 – Скопје, 31 јануари 2012)

На денешен ден починал Благоја Дрнков (Скопје, 1914 – Скопје, 31 јануари 2012), доајен на македонската документаристика и неприкосновен уметник во фотографското мајсторство. Како што се наведува во образложението за наградата Медал за заслуги за Македонија: „Во историјата на македонската култура на 20 век, Благоја Дрнков создаде неизмерен опус од повеќе од 40.000 фотографии со кои тој стана личност која е истовремено и институција. Неговата естетика зрачи со духот од моментите и ситуациите. Неговите фотографии се преполни со детална и возвишена живост, а тоа е априори заради неговата високо естетска мотивација.“

Во неговата биографија е забележано дека уште како ученик започнува да се занимава со фотографирање. По завршување на средното образование, се вработува во фотографскиот дуќан „Фотоаматер“, кога и ја купува својата прва филмска 9,5 мм камера и сопствен кинопроектор, а од 1940година станува сопственик на „Фотоаматер“.
Во 1945 година е именуван за прв директор на Филмската дирекција на Македонија ФИДИМА и прв дописник на Филмски новости од Македонија. Во овој период има снимено голем број филмски записи за животот на неговото семејство како и филмски записи значајни по својата општествено-историска вредност. Седум месеци во текот на 1947/48 година, Дрнков престојува во Чехословачка, каде што специјализира во студијата „Барандов“.
Во 1946 година, Комитетот за кинематографија при Владата на ФНРЈ го формира Централното претпријатие за производство на филмски журнали „Звезда филм“ во Белград. За дописници и филмски сниматели од Македонија се ангажирани најнапред Благоја Дрнков, а потоа и Трајче Попов. Тие, во текот на оваа година, реализирале 19 прилози за „Звезда филм“. Во „Вардар филм“ работи до 1953 година, а потоа преминува во Етнолошкиот музеј како фотограф, снимател и режисер на етнолошки филмови. Од 1957 до 1960 година повторно работи во „Вардар филм“. Од 1960 до 1964 година е фотограф и снимател во Извршниот совет, а од 1964 до пензионирањето во 1969 г. е режисер во Телевизија Скопје на документарни филмови и телевизиски серии.
Во текот на својот долг и плоден животен и творечки пат реализирал повеќе изложби.
Реализирал повеќе филмски остварувања:
– Во 1935 г. го прави својот прв филм „Католичка процесија“, со својата 9,5 мм камера, во кој, покрај процесијата, се снимени и позначајните зданија на главната скопска улица.
– Во 1939 направил два значајни филмски записа, снимени на 9,5 мм лента: „Едриличарски митинг“ и „Бомбардирана Битола“.
– 1942: „Фудбалски натпревар меѓу Левски и Македонија“ и „Воен коњички натпревар“.
– 1945 „Првомајска парада во Скопје 1945“, „Второто заседание на АСНОМ“, „Пречекот на Димитар Влахов во Куманово и Скопје“, „48-ма дивизија“ и „Свечено пуштање во употреба на железниот мост во Скопје“.
– Во 1947 се снимени првите македонски документарни филмови во производство на „Филмско Скопје“: „Жито за народот“ (сценарио Јован Бошковски, режија Трајче Попов) и „Во избори за нови победи“ (сценарио Коле Чашуле, режија Благоја Дрнков).
– Во 1948 во производство на „Вардар филм“ ги снимил документарните филмови: „Идните чувари на народното здравје“ и „Пред октомвриските фестивали“ (Благоја Дрнков).
– 1950 – документарен филм „Радосно детство“.
– 1951 – документарен филм: „Маврово се гради“.
– 1952 – документарен филм „Со бродот „Македонија“ од Риека до Њујорк“.
– 1953 – документарен филм „Нашински разговори“.
– 1959 – документарни филмови: „Препородени полиња“ и „Бели штркови“.
– 1961 – документарни филмови: „Изморениот патник“ и „Последни патувања“.
За својата работа, одликуван е со бројни награди и признанија, меѓу кои најзначаен е споменатиот Медал за заслуги за Македонија, кој го добива на 30 септември 2008 година, за врвните резултати во неговата долгогодишна професионална дејност во областа на уметничката и применета фотографија. Во 1973, со указ на Претседателот на СФРЈ, за особени заслуги во кинематографијата, е одликуван со Орден на трудот со златен венец. Во 1950 година Благоја Дрнков добил награда од Владата на НРМ за достигнувања во областа на културата и уметноста, како и Медал на трудот од Президиумот на Народното собрание на ФНРЈ. Добитник е и на републичката награда „11 Октомври“ за животно дело (1994). Добитник е на повеќе други награди и признанија, меѓу кои: Специјално признание по повод 20-годишнината на „Филмски новости“ од Белград (1965); на Телевизискиот фестивал во Блед за телевизиските серии ПРСТИ /посветена на старите занаети/ и СВИЛЕНА БУБА. Починал на 98 годишна возраст на 31 јануари 2012 година во Скопје.

Од циклусот „Од циклусот: Родните полиња на Македонија“, 1996
компјутерска фотографија каширана на лесонит, 120 х 90 см

Делото е сопственост на Национална галерија на Македонија

Содржината е преземена од Facebook страницата на Национална галерија на Македонија

Оваа статија е објавена во Вести, Редакција.

Comments are closed.