Некаде во 2001 година ме повика др. Владо Плавевски, стар другар од фото клуб ВАРДАР, личен лекар на сите оние кои држеа во рака фотоапарат и кинокамера. Во неговата ординација се собиравме навечер разговарајќи долго ноќта за фотографијата, филмот, културата, но и за сите оние банални нешта што знаат животот да го направат пријатен. Ние бевме генерациски негде меѓу постарата генерација фотографи како Јаневски, Златковски, Османи и помладата генерација Лазо Плавевски, Иво Вељанов …..
Заедничко ни беше работата во фото клубот Вардар за кој секојдневно се грижеше Лазо Величковски, душата на клубот уште од старите простории наспроти киното Напредок на Битпазар.
Иако немавме посебни курсеви за обука , учевме од постарите анализирајки ги фотографиите од клубот и часописите, а времето ни поминуваше во барање на термини за користење на лабораторијата и во бескрајните дискусии за тоа што сме направиле. Од тоа време го памтиме како човекот преокупиран со пејсажи. Лазо почина во почетокот на деведестетите, па како домашен пријател др. Владо успеал да ги најде филмовите во подрумот на неговиот стан. Ме замоли еден дел од нив да ги средам јас а другиот тој, па веќе осма година полека ги проучувам.
Иако го знаме како врсен пејсажист, други фотографии не ми беа познати, па кога почнав произволно да ги скенирам за да видам што има во материјалот, гооткрив другиот Лазо Величковски – портретистот. Неговите портрети беа изненадувачки свежи, полни со емоција, без лична патетика карактеристични за старата школа. Портретот го сваќал лично,, го доживеал интимно, го реализирал внемателно и е очигледно влијанието од тогашната литература што постоше во Југославија, пред се книгите кои доаѓале од Загреб како и учебникот на Милан Физи.
Гледајќи ги овие фотографии од денешен ракурс, откривме каде е болката на современата фотографија. Наспроти фустрациите, мир кој опушта, наспроти нападната техника суптилното користење на амбиенталното светло, кое е само една свилена копрена врз моделот, наместо со агресивност својот модел го опишува со љубов и внимание.
Извореден е неговиот пристап во дефинирањето на просторот , времето, амбиентот и тоналитетот на фотографијата, тие не се случајни, тој сам ги одредува во зависност од мотивот и желбата што сака да каже. Ова го зборувам за фотографии кои можеме да ги датираме од периодот меѓу касните педесети и првата половина на шеесетите години на дваесетиот век, кога сеуште во тогашна Југославија тешко можеше да се купи врвна професионална техника и фотоматрејали. Тука се крие можеби и одговорот као се прави добра фотографија, не е се во хардверот и софтверот туку во вниманието набљудувањето, љубов и почита кон медиумот кој ни овозможува да создадеме дело по кое ке не памтат и наредните генерации.
Во антологијата на Македонската фотографија секако ке влезат портретот на детето и биволот, портретите на неговите керки, на човекот со муштикла. Имињата ги дадов јас бидејќи немам оргинални наслови и затоа прифатете ги условно.
Лазо Величковски секако заслижува една ретроспективна изложба во која сеопфатно ке се прикаже целокупното негово дело, а неговите портрети ке бидат еден од најубавите сегменти. За мојата генерација ке остане запамтен како чичко Лазо, второто име на фото клубот Вардар во тоа време.
Александар Кондев