Женската фотографија станува се поприсутна кај нас. Сведоци сме, дека “дамите“ на македонската фотографија со квалитетот на своите фотографии, како и со инвентивниот пристап кон нивна реализација заслужуваат наша подршка и искрени честитки.
Уште повеќе радува кога меѓу нив се појавуваат нови млади авторки кои сакаат да излезат од постоечките клишеа на изложбената фотографија.
Младата Катја Штркова ни се престави на 22 фебруари со серија фотографии во Младинскиот културен центар, пред голем аудиториум.
Избраната тема е исклучиво тешка и само може да и се честита на храброста да го земе холивудскиот “гламур“ како тема, поточно инспирација, и со еден нејзин “римејк“, да ни ги пренесе нејзините лични гледања на оваа тема.
Технички беспрекорно изработени, со големо внимание компонирани, со очигледно вложен голем труд секоја фотографија да добие “нов“ авторски препознатлив печат.
Но, ваквото “преголемо внимавање“ кон техничкиот аспект на фотографијата, ја доведува и до умртвување на основната идеја и го намали флуидот на релација фотографија -публика.
Вистинскиот талент на Катја се покажа во сетот колор фотографии кои сепак не се на највисоко техничко ниво, каде ослободена од стегите која сама си ги наметнува во почитување на високите технички критериуми, влегува во дијалог со моделот и ги открива убавините и предизвиците на визуелното доживување. Овие фотографии се едноставни, искрени, полни со живот.
Во секој случај, убав настан на една млада авторка. Се надеваме дека ќе продолжи со храброто барање на своја тема и своја фотографија.
Александар Кондев