Nikon D700 Да или Не?

Почитувани читатели вљубени во фотографијата, во освртот кој следи би сакал да Ви го пренесам моето искуство за најновиот „prosumer“ дигитален фотоапарат на светскиот производите Nikon. Немам никаква намера да ве оптеретувам со технички податоци, факти и бројки, истите може да ги најдете на било кој сајт за фотогравска опрема. Многумина што ме познаваат ќе кажат дека сум „никонџија“ во душа, па затоа нема да правам никакви споредби со Canon. Кој го бара тоа нека оди на форумите Nikon vs Canon во милион варијанти.

Nikon D700 e Nikon D3 спакуван во тело на Nikon D300 или D300 со набилдан сензор. Што пак значи ова? Оние што ги познаваат D3 и D300 знаат ама овој напис не е наменет за нив.

Да се вратам малку во историјата. Во 1999 година го купив мојот прв дигиталец, Olimpus со тогашни одлични 2 мегапиксела, и по кратко играње го продадов и се вратив на мојот верен Nikon F100 и на филмот како медиум.Вториот обид со дигиталци го направив во 2004 кога го купив Nikon D70. Одличен дигиталец со 6 мегапиксели и APS-C формат на сензор или по нашки половина од лајка формат, сместен во пластично тело и со среден по квалитет автофокус споредено пак со фантастичното тело на Nikon F100, кој што ми беше единица мерка за квалитет. Потрагата по квалитетен дигиталец што ќе ги задоволи моите потреби и желби продолжи.  Во 2006 година го купив Nikon D200, 10 мегапиксели, прогласен за многу успешен апарат. И точно така . Телото и автофокусот многу многу подобри од D70, повеќе мегапиксели па и повеќе дигитален шум кој што беше ниедна вера, не личеше на филмско зрно. Нова трка која што почна да ме нервира и веќе небеше воопшто интересна. Во времето на филмот имавме едно или две тела, 3 објактиви, по некој филтер, филмови и толку. Сега во дигиталната ера почна трка со мегапиксели и шум. Следната 2007 година купив Nikon D300, 12 мегапиксели, половина сензор. Ова веќе беше добро. Резолуција од 12 е одлична и воглавно ги задоволува сите потреби, нормално доколку несакате да правите многу големи принтови со врвен квалитет. По  мое лично убедување моќта на објективите за  лајка формат е некаде 16 до 18 мегапиксели. Во реалниот живот 12 мегапиксели е одлична резолуција. Шумот на D300 постои, се гледа, но е многу подобар одколку на D200. Зошто? Затоа што веќе почна да личи на филско зрно, а фотографијата без зрно меже да биде многу стерилна. Супер, дали веќе D300 не е тој вистинскиот кај кој што треба да се сопре малку. И да и не. Зависи кој што сака, ама за мене баш не. Зошто? Заради големината на сензорот и недостатокот на вистинсиот широк агол на гледање што јас го преферирам за снимање на пејсажи. Всушност јас барав Nikon F100 претворен во дигиталец. И го добив со Nikon D700. Целата историја со која што ве масирав беше за да Ви представам што за мене е Nikon D700. Одлично тело, одличен автозум, одличен сензор (full frame) или лајка формат, (исто така Nikon D3), можност за употреба на старите Nikon F бајонет објективи. Се во се тој е вистински за мене. Ќе се задржам со него повеќе, секако. Ѓи задоволува сите мои потреби и за професионална фотографија, накратко: ТОЈ е вистинскиот, за сега. Дали трката продолжува? Да ама со послабо темпо, бараното го добив. Некој ќе каже веќе излезе D3X со 24,5 мегапиксели, што ќе рече дека D800 веќе се прави па кон крајот на оваа или почетокот на следната година ќе излезе на виделина. Дали ќе го земам? Искрено: НЕЗНАМ. 25 мегапиксели не ми се потребни во моментов, а можноста за снимање во темни светлонски услови нема да биде иста како кај D700, веќе кај D3X  е полоша, што е нормално, дуплирани мегапиксели во иста големина на сензор. Значи и ако би го земал идниот D800 сегашниот D700 ќе морам да го сочувам, сакам да фотографирам во проблематични светлоски услови. Дали има резон да се трупаат повеќе скапи дигитални тела чија што финансиска вредност рапидно се намалува со појавувањето на новиот модул? По мене НЕ. Значи секој сам ќе мора да реши за што му треба апаратот, каков тип на фотографија преферира па да си донесе одлука врз основа на типот и големината на сензорот, бројот на пози во секунда итн. Конечно мој одговор на поставеното прашање од заглавието: Nikon D700 да или не? – е секако ДА, нормално од технички фотографски аспект. Финансискиот аспект на дилемата останува на секој читател посебно.

Владимир Арсовски

 

Оваа статија е објавена во Колумни.

Comments are closed.