Во програмата на Скопско лето, покрај Деновите на македонската фотографија, се поставуваат уште две фотографски изложби.
Во понеделник, 2 јули, во Чифте амам, со почеток во 20:30 часот ќе биде отворена групната изложба на фотографии со наслов F9. Карактеристична по тоа што ќе претстави само женски автори од Македонија, ги опфаќа делата на: Маја Јаневска-Илиева, Јасна Суша, Мимоза Велиу, Татјана Ранташа, Ива Димеска, Фросина Илиевска, Маја Аргакијева, Ирена Мила и Катерина Ристовска – Николов.

„Со почетокот на овој век, со појавата на дигиталната фотографија, но и со длабоките социјални промени што го зафатија нашето општество, незабележително но со голем успех се појавија женски автори, кој ги изненадија сите познавачи, како со спецфичниот пристап кон мотивот, начинот на размислување, така и со богатата емотивност. Задоволството е уште поголемо, со фактот, дека работат во различни стилови, дека потекнуваат од различни средини, и дека професинално, директно или индиректно се поврзани со фотографијата, па покрај кретивниот аспект на женската фотографија сега го имаме и феноменот на нивното влегување во професионалниот дел од фотографијата кај нас, што беше до скоро машки простор.
Фокусот на оваа изложба е ставен на афирмирање на женската авторска фотографија, важна за Македонија како културен процес, но и како доказ дека жената се афирмира и станува равноправна и во овој сегмент.“ – за оваа изложба вели Александар Кондев, соработник на проектот.
Во Мала станица пак на 5 јули, со почеток во 20:30 ќе биде отворена самостојната изложба на Сања Николиќ-Бутерин насловена Урбан човек.
„Сања Николиќ-Бутерин е млад автор израсната во Фото клубот “Елема“ од Скопје, кој е скоро две децении водечки фото клуб во Република Македонија. По професија правник, по вокација уметник, во фотографијата најде простор каде на најуспешен начин ги искажува своите опсервации, емотивно доживеани и исто така емотивно прикажани како “слики“ на светот кој ја опкружува. Скромна во амбицијата но силна и систематична во исказот, не внесува во нејзината “имагинарна улица“, опкружена со градот и неговата атмосфера, испровоцирана од природата, обликувана во светлината и прегрната од сенкита и формите кои таа ги создава. Таа “Градот“, “улицата“ и “луѓето“, ги прикажува лично доживано, како да ги познава долги години, како да се дел од нејзиното духовно семејството. Нејзината слика е едноставна,емотивна и топла,нејзината приказна е пријателски настроена,а пораката и е позитивна.“ – Александар Кондев


