Прва меѓуклупска изложба-известување

Почитувани,

Фото клуб Елема сака да им се заблагодари на сите автори и авторки кои земаа учество на првата изложба од ваков тип кај нас, меѓуклупската изложба: Зимски Салон – Елема 2014. Искрено се радувавме на секој пристигнат пакет, и, да бидеме искрени, добивме повеќе фотографии отколку што очекувавме. Тоа го сметаме како позитивен сигнал на наговестените промени, односно јасна поддршка за напорите кои го вложуваме и насоките по кои се раководиме. За тоа, искрено сме ВИ благодарни. 

Како што и наведовме во воведот на објавата на конкурсот, дел од мотивите за организирање на оваа изложба е и потребата да се направат одредени исчекори во досегашната пракса на домашните изложби. Во таа насока е и овој текст. За да можеме да одиме понатаму, и да го зајакнеме квалитетот на домашната сцена, како и да ја зголемиме транспарентноста на целиот процес, ова го објауваме јавно. За сето ова од клучна важност ни е поддршката и разбирањето од сите вас/нас, особено што некои измени, на дел од авторите можат да им делуваат радикално. Сметаме дека ова е начинот кој што може да ни донесе повисок квалитет, за доброто на сите нас.

Ова се барањата од членовите на жирито, кои ќе им бидат претставени, пред самиот процес на жирирање:

Од членовите на жирито бараме да се раководат според следниве насоки:

–       Се очекува да бидат примени помеѓу 30 и 50 фотографии за изложбата. Доколку жирито смета дека има толкав број на квалитетни дела. Приоритет се дава на квалитетот а не на квантитетот на делата.

–       Делата кои се примаат на изложбата, мораат на некој начин да одговараат на зададената тема на конкурсот: движење, делата кои не кореспондираат со темата, без разлина на нивниот општ квалитет, не треба да се примаат на изложбата.

–       Се доделуваат прво, второ и трето место и по една диплома во категорија поединечни фотографии, односно во категоријата колекции на фотографии

–       Жирито, доколку смета дека нема доволен квалитет на фотографии, може да не додели една или повеќе награди.

–       Одделно се жирираат поединечните фотографии и колекциите на фотографии.              При тоа, поединечните фотографии не се групирани по автори.

–       Жирито нема право да формира и/или растура колекции.

–       Жирито треба да прави разлика помеѓу колекција на фотографии и серија на фотографии, при тоа сериите ги одбива.

–       Членовите на жирито не ги знаат имињата на авторите чии дела ги жирираат. Доколку се појави потреба да се знае дали две или повеќе фотографии се од ист автор (на пример за доделување на награди, да не се случи ист автор да добие повеќе од една награда во иста категорија), должни се да се обратат до организаторите кои ќе им ја обезбедат таа информација без да наведуваат име на авторот.

–       Се очекува, членовите на жирито гласно и темелно да ги елаборираат своите ставови во однос на делата кои ги жирираат.

 

За ФК Елема,

Сашо Н. Алушевски

Скопје, Јануари 2014

ПРАВИЛА ЗА УЧЕСТВО

Оваа статија е објавена во Вести, Изложби.

Comments are closed.