Nikon D4 од прва рака

Драги наши, еве една автентична содржина, со која держиме чекор со глобалните трендови….

Веќе помина еден месец одкако ја имам во рака мојата нова „играчка“: Nikon D4, па веќе можам да ги кажам моите лични впечатоци за овој нов DSLR од еден од водечките производители на фотографска опрема. Морам повторно да повратам дека во овој „есеј„ нема да има технички податоци за апаратот, туку мое лично видување за него како алатка за фотографирање. Впрочем тој што ќе го чита овој текст сигурно веќе ги „обработил“ сите статии по светските сајтови каде што се наброени во безброј верзии техничките карактеристики на овој „убавец“. Морам уште да напоменам дека према овој уред бев многу критички настроен! Зошто? Да почнеме од почеток!

Мојот предходен фотоапарат беше Nikon D700, перфектен фотоапарат кој „скоро“ да ги задоволуваше моите барања од дигитален фотоапарат. Но, велам „скоро“ затоа што во моето „болно“ тежнеење кон перфектно технички снимена фотографија ми недостасуваа пиксели за да имам перфектен принт со димензии 90х60 цм и малку подобра динамика. По моите мерила, доволно причини да го чекам новиот Nikon кој требаше да се „роди“ некаде во пролетта 2011 година. Но, Јапонија ја погоди голема природна катаклизма кој несомнено донесе доцнење на новата опрема. Веќе околу летото почна на сајтовите да се коментира за новото техничко чудо Nikon D4, а со тоа и мојата одлука конечно да поминам на „едноцифрен“ Nikon , т.е. од „полупрофесионалната“ серија (Nikon D200, Nikon D300 и Nikon D700) на Nikon D3s односно новиот Nikon D4. Само по себе тоа веќе значеше одвојување на поголема сума на пари, и затоа со време почнав да ја продавама мојата предходна опрема за да можам веднаш да го порачам Nikon D4 штом ќе се објави на есен 2011 година. Но, несреќата не оди сама, па есенските поплави во Тајван поплавија многу фабрики и предизвикаа ново каснење, за да конечно на 6 Јануари 2012 се овјави долго очекуваниот Nikon D4. Веднаш извршив нарачка кај РефотМ (ексклузивниот увозник на Nikon за Македонија). До неговото пристигнување во Март 2012 (Браво за РефотМ за експресната испорака на така „жежок“ производ) имав доволно време да ги простудирам неговите технички карактерстики и да го „научам“ на памет. Извинете за долгиот вовед, но морав да објаснам зошто бев критички, да не кажам „критизерски“ настроен кој овој фотоапрат. Заради објективноста на текстот морам да потенцирам дека Nikon D4 го купив од РефотМ (Никон) и немам добиено ништо од аспект на надокнада за пишуваното, т.е не е нарачано пишување.

Ергономија

Со првото вадење од кутија и првиот допир се добива чувство на сериозна алатка. Јако, робустно и тешко тело направено како тенк за на боиште. Веднаш знаете дека е наменето за снимање во сите временски услови. Ергономијата е фантастично добра и многу унапредена во однос на предходниот модел Nikon D3. Сите копчиња се на дофат на рака и што е најважно сите битни подесувања можат да се прават без да се влегува во менијата. Значи низ менијата се прави иницијалното подесување и ТОЛКУ. Сите дополнителни подесувања за различен тип на снимање, како што се ИСО осетливоста, типот на аутофокусот, типот на балансот на бело, начинот на мерење на светло, брекетинг снимање по сите битни компоненти, профилот на снимањето може да се прави без да се тргне окото од визирот, што е фантастично решение и за професионалните фотографи многу битно.

Автофокус

Автофокусот е фантастичен, не можев да верувам дека може автофокусот да „заклучи“ т.е потврди фокус во темни услови во кои ни со голо око не можев да го видам убаво објектот. При моите ноќни снимања со предходните апарати морав да го исклучувам автофокусот бидејки беше неупотреблив, но сега со Nikon D4 тоа не е случај.

Баланс на бело

Автоматскиот баланс на бело работи одлично. При последното снимање снимав на неонско светло и доосветлување со дневно светло (ЛЕД осветлување со 5500 келвини). Со досегашните апарати не ќе можев да куртулам од зелената нијанса на неонското светло, но Nikon D4 перфектно го подеси автоматскиот бел баланс и тонот на кожата на снимените модели беше одличен. Динамиката на боите е перфектна.

Осетливост (ИСО)

Овој апарат е дефиниран како крал на темнината со своите 12,800 АСА нативна осетливост и над 200,000 АСА исфорсирана осетливост. Во принцип сум скептик за овие фантастични бројки и не ги сметам за сериозни. За мене е многу битно на која максимална оселивост можам да добијам „употреблива“ снимка. Под употреблива снимка не мислам снимка за на веб страна туку за печат. Ова е затоа што при толку високи осетливости не е проблем само шумот кој што се јавува туку поважно беше губењето на детали. Знам дека ќе биде досадно но морам да кажам дека Nikon D4 и овде се покажа фантастичен. По моите мерила, снимка на 6400 АСА е полна со детали и апсолутно употреблива за печат, што несомнено отвора нови хоризноти во фотографирањето.

Динамика

Динамиката на боите и распонот од најтемното до најсветлото е навистина подигнато на ниво кое што би можел да кажам го имавме на слајдот кај класичната фотографија. Моите снимања во екстремни распони кога неоспорно ќе се појавеше „горење“ на осветлените површини сега го нема. Деталите од сенките сега се богати и „ги има“. Чисто за тестирање, направив снимка со многу светли и многу темни површини. До сега таквата снимка , доколку „ја малтретирате“ во фотошоп со зголемување на контраст, поготово на зголемување на контраст во средните тонови, мораше да покаже шум и „дигитално ѓубре“. Но сега не добив ништо од тоа, снимката остана кристална, што потврдува дека сензорот на овој апарат е способен да испорача снимка со фантастична динамика и чистота.
Големата брзина на снимање од 11 пози во секунда нема ни да ја спомнувам бидејќи мене лично не ми треба, но секако дека ја има и е многу битна за оние што снимаат акција.
Што се однесува до видеото, тоа према карактерстиките и моите први видео снимки изгледа одлично, но јас лично не се чуствувам кометентен да го коментирам, па видео делот ќе го прескокнам….за сега.
За кого е овој фотоапарат?
Овој апарат Nikon го објави и го направи за олимписките игри во Лондон ова лето. На сите форуми и ревии ќе кажат дека е за професионални фоторепортери кои снимаат акција и спорт. Јас не сум ништо од тоа, па сепак го земав затоа што квалитетот на снимката е фантастичен и во потполност ги задоволува моите потреби за снимања во темни светлосни услови. Можеби можев да чекам да се појави некое ново тело со поскромни перфомарнси но со овој сензор(Нешто како Nikon D700 но со овој сензор). Но јас не сакав да го чекам повеќе, а и искрено големо прашање е дали такво тело воопшто ќе се појави.
За крај филозофското прашање: Дали вреди да се земе?.. Хмммм, па вака: за 5,500 евра можат да се купат многу работи, на пример пристоен автомобил на старо. На ова прашање ќе треба да си одоговри секој за себе. За мене апсолутно вредеше зошто конечно го добив она што го очекував од идеалниот дигитален фотоапарат. На хопотетичкото прашање што треба да има замислениот идеален фотоапарат не ми текнува ништо друго од она што го има на овој Nikon. Општо познат факт е дека дигиталните фотоапарати станаа потрошен материјал како персоналните копјутери. Со секоја нова генерација добивате желба да го замените стариот. Многу пријатели ме прашуваат дали сега ќе правам подобри фотографии односно ќе има ли разлика во фотографиите? Сите знаеме дека фотографот ја прави фотографијата а не фотоапратот, а јас им одоговарам дека разлики во фотографиите ќе има само што веројатно тие нема да ги видат разликите, туку само ЈАС ќе ги гледам. Дали ова ќе ми биде последниот дигитален фотоапарат? Многу веројатно, затоа што следниот Nikon D5 кој ќе излезе за следните олимписки игри во 2016 навистина не знам што ќе понуди за да го заменам постоечкиот Nikon D4. Можеби некој Nikon D6 во 2020……нешто револуционерно. Кој знае?! Да сме живи и здрави до тогаш, а за сега имам навистина алатка со која е вистинско уживање да се фотографира, впрочем и затоа го купив.

Скопје, 24.04.2012

Владимир Арсовски

Оваа статија е објавена во Колумни, тагови: , , , , , .

Comments are closed.