Вести


Јубилejните 50-ти “Денови на Македонската фотографија“ завршија

Ги резимираме како најуспешни досега. Програма составена во соработка со Дирекцијата за култура и уметност од Скопје, која е и организатор на “Скопско Лето“, секако најбрендираната летна културна манифестација кај нас, каде од 2 јули па до 5 јули 2012г, се отворија три изложби во просторите на “Националната галерија“ – Чифте амам и центарот за мултимедија “Мала Станица“.

Извонредната посетеност и големиот интерес на медиумите беа резултат на ангажирањето на членовите на ФСМ и вработените во ДКУ и Скопско лето, со надеж и понатаму да продолжи оваа соработка.
Оваа серија фотографии се илустрација на погорниот текст.

ГАЛЕРИЈА – различни автори

Управен одбор на ФСМ

Отворање на јубилејните 50ти Денови на Македонската Фотографија

Во галерискиот простор на Мала Станица, во рамките на Скопско лето на 03.07.2012, во присуство на голем број фотографи, љубители на уметноста и пријатели, кои дојдоа и покрај неверојатно топлото време и особено неподносливата температура во галерискиот простор. Повеќе »

ИЗЛОЖБА – ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКАТА ФОТОГРАФИЈА 50то издание

Почитувани автори и авторки, љубители на фотографската уметност, драги пријатели и пријателки. Ве покануваме на ретката можност заедно да ги прославиме јубилејните Денови на македонската фотографија. На изложбата ќе бидат претставени околу 120 фотографии од овогодинешната селекција како и омаж во чест на Благоја Дрнков.

03. Јули, Мала Станица, 20.30 часот.

 

Повелете, заеднички да ги поделиме убавите моменти.

Работилница за документарна фотографија во склоп на World Press Photo

Во текот на минатата недела, во склоп на патувачката изложба World Press Photo, се одржа работилница за Документарна фотографија предводена од Роберт Јанкуловски.

На работилницата учествуваа 12 фотографи, а нивните документарни фото-стории можат да се погледнат во просториите на Мала станица, поставени паралелно со самата World Press Photo изложба.

На работилницата учествуваа: Тамара Данческа, Кастриот Пашоли, Елена Илиеска, Розалинда Трајковска Илиевска, Сашо Н. Алушевски, Вероника Трпкоска, Татјана Ранташа, Евдокија Николова, Александра Најческа, Роберт Блажевски, Валентина Н. Чапова и Орце Поповски.

Изложбата е отворена до 28.06.2012, кога и World Press Photo ќе го продолжи својот пат кон Белград.

Блур магазин, број 26

Нови фабулозни стории, прекрасни носталгични и футуристички концепти во новиот број на генијалниот Блур магазин.

Изложби на фотографии во склоп на Скопско лето – вистински Денови на македонската фотографија

Во програмата на Скопско лето, покрај Деновите на македонската фотографија, се поставуваат уште две фотографски изложби.

Во понеделник, 2 јули, во Чифте амам, со почеток во 20:30 часот ќе биде отворена групната изложба на фотографии со наслов F9. Карактеристична по тоа што ќе претстави само женски автори од Македонија, ги опфаќа делата на: Маја Јаневска-Илиева, Јасна Суша, Мимоза Велиу, Татјана Ранташа, Ива Димеска, Фросина Илиевска, Маја Аргакијева, Ирена Мила и Катерина Ристовска – Николов.

„Со почетокот на овој век, со појавата на дигиталната фотографија, но и со длабоките социјални промени што го зафатија нашето општество, незабележително но со голем успех се појавија женски  автори, кој ги изненадија сите познавачи, како со спецфичниот  пристап кон мотивот, начинот на размислување, така и со богатата  емотивност. Задоволството е уште поголемо, со фактот, дека  работат во различни стилови, дека потекнуваат од различни средини, и дека професинално, директно или индиректно се поврзани со фотографијата, па покрај кретивниот аспект на женската фотографија сега го имаме и феноменот  на нивното влегување во професионалниот дел  од фотографијата кај нас, што беше  до скоро машки простор.

Фокусот на оваа изложба е ставен  на афирмирање на женската авторска фотографија, важна  за Македонија како културен процес, но и како  доказ дека жената се афирмира и станува равноправна и во овој сегмент.“ – за оваа изложба вели Александар Кондев, соработник на проектот.

Во Мала станица пак на 5 јули, со почеток во 20:30 ќе биде отворена самостојната изложба на Сања Николиќ-Бутерин насловена Урбан човек.

Сања Николиќ-Бутерин е млад автор израсната во Фото клубот “Елема“ од Скопје, кој е скоро две децении водечки фото клуб во Република Македонија. По професија правник, по вокација уметник, во фотографијата најде простор каде на најуспешен начин  ги искажува  своите опсервации, емотивно  доживеани и исто така емотивно  прикажани како “слики“  на  светот кој ја опкружува. Скромна во амбицијата но силна и систематична во исказот, не внесува  во нејзината “имагинарна улица“, опкружена со градот и неговата атмосфера, испровоцирана од природата, обликувана во  светлината и прегрната од сенкита и формите кои таа ги создава. Таа “Градот“, “улицата“ и “луѓето“, ги прикажува лично доживано, како да ги познава долги години, како да се  дел од нејзиното духовно  семејството. Нејзината слика е едноставна,емотивна и топла,нејзината приказна  е пријателски настроена,а пораката  и е позитивна. – Александар Кондев

МакеДокс – Изложба на македонски документарни фотографии

МакеДокс и Македонскиот Центар за Фотографија имаат чест и задоволство да ве поканат на отворањето на изложбата на македонски документарни фотографии, во петок, 15.06.2012, 20.00часот, Куршумли Ан.


На изложбата ќе бидат претставени триесетина фотографии од современите македонски фотографи: Огнен Теофиловски и Томислав Георгиев, како и омаж на Благоја Дрнков, доајенот на македонската фотографија.

Обновена информација за ДМФ 2012

Почитувани автори и авторки, љубители на фотографската уметност, драги пријатели и пријателки. Ве покануваме на ретката можност заедно да ги прославиме јубилејните Денови на македонската фотографија. На изложбата ќе бидат претставени околу 120 фотографии од овогодинешната селекција како и ретроспектива во чест на Благоја Дрнков.

 

03. Јули, Мала Станица, 20.30 часот.

Повелете, заеднички да ги поделиме убавите моменти.

 

– – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – –

Почитувани,

Должни сме да ја проследиме информацијата дека манифестацијата Денови на Македонската Фотографија 2012 нема да се одржи во Кочани, во претходно најавениот термин, заради организациски пропусти и несоодветните понудени услови на приредувачот – градот Кочани.

Тековно се прават напори, ДМФ 2012 да се одржат во рамките на Скопско лето. Членовите на ФСМ како и сите автори и авторки кои учествуваа на манифестацијата ќе бидат благовемено известени.

 

World Press Photo Exhibition 2012 во Скопје

Конечно Скопје e повторно дел од патувачката изложба на World Press Photo. Денеска, 7.јуни, со почеток во 20:00 часот, во Мала станица ќе биде отворена изложбата World Press Photo Exhibition 2012.

Изложбата World Press Photo е резултат на меѓународен конкурс на новинска фотографија кој се објавува секоја година.
На конкурсот за 2012 година биле пријавени 101254 фотографии од 5247 фотографи од 124 земји, а фотографиите ги оценува меѓународно жири составено од 19 членови.
Преку 161 наградени фотографии во девет категории до 28.јуни ќе бидат изложени во мултимедијалниот центар Мала станица.

Изложбата ја организира Македонскиот центар за фотографија во соработка со Национална галерија на Македонија и Амбасадата на Кралството Холандија.

Јавно предавање „Фотографијата пред Дагер“

Во сабота, 26. мај 2012 со почеток во 18:00 часот, во Кинотеката на Македонија предавање на тема „Фотографијата пред Дагер“ ќе одржи проф. др. Душан Стулик од Институтот за конзервација ГЕТИ, од Лос Анџелес – САД. Предавањето го организира Македонскиот центар за фотографија во соработка со Кинотека на Македонија.

Многу историчари на уметност кои ја обработуваат фотографијата, почетокот на фотографијата го сместуваат во 1839 година, кога Луј Манде Дагер го обзнани пронаоѓањето на дагеротипијата. Иако Дагер ја има заслугата за пронаоѓање на првиот комерцијално успешен фотографски процес, тој не може да се поврзе со првата идеја за фотографија ниту пак со првата фотографска слика.

Со ова предавање професор Стулик ќе се осврне на предисторијата на фотографијата оценувајќи го притоа придонесот на оние научници и филозофи кои со својата работа го овозможиле создавањето на овој медиум. Посебен акцент ќе биде ставен на работата на Жозеф Нисефор Ниепс како творец на првата сочувана фотографија во светот. Истовремено, со предавањето ќе биде опфатено и последното истражување на Институтот за конзервација Гети, со кое се откриени многу значајни факти за работата на Ниепс и Дагер, факти кои го менуваат нашето поимање на историјата на фотографија.

____________________________________

Професорот Стулик е виш конзерватор на Институтот за конзервација ГЕТИ. Се здобил со диплома и магистериум од областа на хемија како и диплома од историја на уметност на Универзитетот Чарлс, а докторирал во областа на физиката на Чешката академија за науки во Прага. Пред да стане член на институтот ГЕТИ, д-р Стулик бил професор по хемија на Вашингтонскиот државен универзитет како и вонреден професор на Универзитетот Корнел.

Тој е конзерватор на првата фотографија во сватот; автор е и коавтор на неколку научни книги од областа на конзервација на фотографија и на повеќе од педесет менторски оценети статии од истражувачки карактер. Добитник е на неколку престижни награди за неговата работа поврзана со зачувување на културното наследство.